Изминативе денови постојано читаме и слушаме препораки за заштита од пренесување и заразување со коронавирус, а во сите постои и ставката „Не допирајте ги очите и деловите околу очите ако не ви се измиени рацете.“
Со дланките, во текот на денот, допираме многу нешта кои можат да бидат контаминирани со многу микроорганизми и бактерии, па дури и со вируси кои подолго време преживуваат надвор од тело. Некогаш, сосема несвесно, се допираме по очите, носот, устата и ушите, без да знаеме дека ги изложуваме на опасност.
Внимание, контаминирани може да бидат многу површини, почнувајќи од седиштата и шипките во јавниот превоз, кваките, вашето биро, чантата, пенкала, чаши за кафе… Но, каква е улогата на очите во целата оваа приказна?
Врската меѓу очите и коронавирусот е комплицирана, но и многу логична. Солзните канали, всушност, се отворена врата кон нашиот организам и се многу блиску до синусите. Освен што вирусот може да предизвика солзење и засилено лачење секрет од солзниот канал, вирусот може да навлезе и во телото и да заврши во респираторниот систем. Имајте предвид дека назалниот дел, синусите и грлото се тесно поврзани, пред сè заота што се сконцентрирани на сосема мала површина, па лесно е да се заразите.
Лекарите и СЗО советуваат да не ги допирате очите ако рацете не ви се измиени бидејќи иако ретко се случува, можноста коронавирусот да навлезе во вашето тело токму преку нив постои и не смеете да ја игнорирате.
Генерално земено, тој може да влезе во вашето тело преку секој канал низ кој се лачи мукус. Дури и лекарите кои ги третираат пациентите, покрај тоа што ги заштитуваат носот и устата, тие носат и соодветна опрема за заштита на очите, со цел да се исклучи можноста за зараза преку нив.
Тоа значи дека и ако кивнете и притоа ви се насолзат очите, морате свесно да го запрете рефлексот на забришување на солзите со рака. Нека влезе тоа во вашата вообичаена пракса, а не само во време кога постои ризик за зараза со потенцијално опасен вирус.