„Не сакаме да молчиме“: Девет учесници на Евровизија повикаа на прекин на огнот во Газа и враќање на заложниците

од Nikola Popovski
332 прегледи

Група од девет учесници на претстојниот Избор за песна на Евровизија објавија заедничко соопштение во кое повикуваат на итен прекин на огнот во Појасот Газа и враќање на сите заложници. Во соопштението се изразува загриженост поради „актуелната ситуација на окупираните палестински територии, особено во Газа и Израел“.

Претставниците на Ирска, Норвешка, Португалија, Сан Марино, Швајцарија, Данска, Литванија и Финска заедно потпишале соопштение бидејќи, како што велат, не сакаат да молчат, пишува „Тајмс оф Израел“.

„За нас е важно да се солидаризираме со угнетените и да ја изразиме нашата искрена желба за мир, итен и траен прекин на огнот и безбедно враќање на сите заложници. Обединети сме против сите форми на омраза, вклучително и антисемитизмот и исламофобијата“, порачале музичарите.

Тие додале дека силно веруваат во моќта на музиката „да им овозможи на луѓето да ги надминат разликите“ и дека се надеваат дека со неа ќе поттикнат сочувство и емпатија.

Британскиот претставник на Евровизија, Оли Александар, објави посебна изјава на Инстаграм, во која вели дека ја „разбира и почитува“ одлуката на оние што ја бојкотираат Евровизија поради учеството на Израел, но дека нема да го стори истото.

„Мислам дека ако се повлечам од Евровизија, тоа нема да не доближи до нашата заедничка цел. Се надевам и се молам дека ќе се одговори на нашите повици и ќе се стави крај на злосторствата што се случуваат во Газа“, објавил Александар.

Изборот за песна на Евровизија ќе се одржи од 7 до 11 мај во Малме, Шведска, и покрај повиците за бојкот на натпреварувањето поради дозволувањето на Израел да учествува.

Слични содржини