Неделков: Имавме конструктивни и тешки преговори

од Vladimir Zorba
406 прегледи

Напредокот во преговорите и поместување во позициите кои ги соопшти министерот за образование и наука, Арбер Адеми ги потврди и претседателот на СОНК, Јаким Неделков. Според него, времето е многу кратко, но се надева дека на една од следните средби ќе излезат со конечен договор.

„Има напредок и поместување од позициите. Преговорите денеска беа на највисоко ниво, учествуваше и премиерот на државата. Имавме конструктивни и тешки преговори каде што аргументите кои ние ги изнесовме на маса и за кои тврдиме дека имаат голема тежина се спротивставија со аргументите на министерството и владата“, рече Неделков.

Според претседателот на СОНК, нема можност за пролонгирање на штрајкот, бидејќи одлуката е донесена со мнозинство на синдикални здруженија.

„Има напредок, но до конечен договор има уште многу да се работи. За жал, времето е многу кратко. Советот на СОНК има донесено одлука за влегување во генерален штрајк на 11 ноември. Се договоривме со министерот да бидеме во секојдневна комуникација, но на почетокот на идната недела мораме да имаме уште неколку работни средби и конечно да падне договр. Има позитивни сигнали, но стоиме на ставот и не попуштаме дека од терминот на имплементација на зголемувањето на платите нема да попуштиме, дека платите мора да се зголемат на 01.01.2020 година“, рече Неделков.

А.Т.

Фото: Борче Поповски

Слични содржини