Неколку ЕУ земји бараат мерки против Србија доколку се докаже поврзаноста со нападот во Бањска

од Vladimir Zorba

Неколку земји-членки на Европската унија бараат воведување мерки против Србија доколку се докаже поврзаност со нападот во Бањска на северот на Косово, каде група вооружени и маскирани лица отворија оган врз косовската полиција кога еден полицаец беше убиен, пишува РСЕ.

Според извештаите, во вторникот вечерта се одржал состанок на Комитетот за политика и безбедност, составен од амбасадори на земјите-членки на ЕУ, на кој се разговарало за новонастанатата ситуација во Косово, во позадина на нападот во Бањска на 24 септември.

Според дипломатски извори на РСЕ, на таа средба многу земји изразиле став дека треба да се преземат мерки против Србија доколку се докаже нејзината поврзаност со нападите или нејзината улога во испраќањето оружје на територијата на Косово, откриено при полициска акција.

„Она што се случи во неделата на северот на Косово, количината на оружје што е пронајдено и информациите кои постојано ни доаѓаат од местото на настанот ја менуваат играта“, изјавил извор од ЕУ.

На средбата присуствувале и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, како и претставници на европската мисија за владеење на правото на Косово, ЕУЛЕКС.

На средбата земјите-членки го осудиле нападот на косовската полиција и побарале да продолжи истрагата што точно се случило во Бањска и да се откријат сите факти.

Истите извори напоменале дека амбасадорите на некои земји-членки побарале ЕУ да има „баланс“ во пристапот кон Косово и Србија.

Според РСЕ, изворите потврдиле дека на разговорот на средбата била изразена целосна поддршка на пратеникот за дијалог Лајчак со барањето да се продолжи процесот на дијалог и имплементација на договорот.

Лајчак има намера да ја посети Приштина во наредните денови, иако се уште се работи на модалитетите на таа посета, пишува РСЕ и додава дека Лајчак нема сам да ја посети Приштина, туку најверојатно со себе ќе донесе делегација на претставници од клучните земји од ЕУ кои се вклучени во процесот на нормализација на односите меѓу Косово и Србија.

Слични содржини