Нема да се врши контрола: Граѓаните ќе може да си се собираат по дома и на верски празници

од Берта Китинска
251 прегледи

Вчера беше регистриран нов рекорден број на случаи. Вклуно 870 лица се имаа заразено од Ковид-19 во земјава.

Од денеска сите граѓани, освен оние кои спортуваат на отворено, децата под 6 години и некои други исклучоци, ќе мора да носат маски и на отворено.

За непочитување на мерката за задолжително носење на маска казната изнесува 20 евра, за прекршителите на решенијата за самоизолација казната е 50 евра, додека тие што ќе се групираат на отворено во забранети периоди ќе платат казна од 500 евра, предвидуваат измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести што вечерва го усвои парламентот.

Овој Закон предвидува носење лична заштита на лицето и тоа респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично, при излегување надвор од домот односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип.

Притоа, оваа мерка нема да важи при спортување на отворен простор или на затворено со почитување на специфичните протоколи за заштита, при возење во приватно патничко моторно возило ако возачот е сам или со лице/лица со кој/кои што живее во заедница, при престојување во двор на семејна куќа сам или со лице/лица со кој/кои што заедно живеат во заедница, при седење во угостителски објект со почитување на специфичните протоколи за заштита итн.

Воедно, Законот го регулира и лекувањето на лицата заболени од ковид-19. Освен лекување во јавните здравствени установи, по медицински индикации болните можат да се лекуваат и изолираат и во приватни здравствени установи кои имаат дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија или во домашни услови, доколку за тоа постојат услови.

Пратениците од СДСМ го повлекоа предлогот кој предвидуваше контрола во домовите на граѓаните и казни доколку има повеќе од четири гости. Со тоа, ако нема ограничување на движењето, односно полициски час, граѓаните ќе може да си се собираат по дома и на верски празници и на куќни слави.

Министерот за здравство Венко Филипче, образложувајќи го законот, истакна дека новите измени на Законот произлегуваат од се поголемиот број регистрирани случаи и преполнување на болниците, како и, како што рече, поучени од искуствата и спроведувањето контрола од претходно пропишаните превентивни мерки.

-Со измените се уредува најпрво начинот на лекување на пациентите во смисла на институциите каде што се лекуваат, што сега е уредено со уредба со законска сила што важи до 31 декември и има потреба да се продолжи и понатаму, со оглед на тоа што е очигледно дека пандемијата не стивнува, како и зголемување на ингеренциите на инспекторатите во однос на контролата на спроведувањето на новите мерки, рече Филипче.

Уште нешто што е веќе уредено со Уредба, како што појасни министерот Филипче, е задолжителна самоизолација при тестирање за коронавирусот.

– По закажувањето на тестот или самото тестирање до добивањето на резултатот секако дека самоизолацијата продолжува ако е резултатот позитивен, а предвидена е и забрана за групирање на јавен простор, како и јавни површини во одредени периоди од деноноќието, рече Филипче.

Според информациите од Министерството за здравство, вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 28 697, од кои оздравени се 19 771, починати 963, а бројот на активни случаи изнесува 7 963.

Слични содржини