Нема политички контекст во настанот, рече Ковачевски за кражбата на монитор од Бугарскиот центар

од Nikola Popovski

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски вчера разговарал со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во врска со кражбата што се случи во просториите на Бугарскиот Културно-информативен центар во центарот на Скопје. Ова го кажа Ковачевски во интервју за ТВ Сител, одговарајќи на прашање дали се градат добрососедски односи со Бугарија после кражбата на монитор од компјутер од Бугарскиот центар.

Според Ковачевски, македонската амбасадорка во Софија, Агнеса Руси-Поповска ги имала информациите од нашето МВР и објаснила што се се случило.

„Најверојатно, станува збор за упад во просториите и кражба на компјутер или монитор, а не се работи за настан кој има политички контекст. Но, сепак избегнувам да коментирам што се случува во Бугарија, каде што претстојат избори и каде се се користи за партиите да добијат гласови. Мислам дека по изборите, доколку има политичка влада, односите ќе можат да се вратат во нормална динамика, каде ќе се разговара за теми од заеднички интерес“, рече Ковачевски.

„Северна Македонија има соработка со институциите во Бугарија, кои се одговорни за односите меѓу соседните земји-членки на НАТО. Но и во Бугарија и во Северна Македонија има партии, групи и поединци кои не сакаат односите да бидат на добро ниво, бидејќи не сакаат да го видат регионот како дел од ЕУ“, додаде премиерот во интервјуто.

Од Бугарското МНР го осудија ваквиот настан и порачаа дека се работи за „напад на бугарската држава и институции“.

Слични содржини