Нема стручен кадар кој ќе ги води велешките културни, образовни и други јавни инститиции

од desk4

Во дванаесет  културни, образовни и други јавни инститиции во Велес истечен е рокот  или им  истекува на сегашните директори и наскоро треба се именуваат нови. Но веќе подолго време во градот  е присутен проблемот за обезбедување квалификуван стручен кадар кој ќе ги исполни сите законски услови од конкурсите.

Како што информира градоначалникот Аце Коцевски  на последната прес конференција, законските услови се исполнети за разрешување на директорот на Средношколскиот интернат „Лазар Лазаревски“ и на директорката на  детските градинки „Димче Мирчев“.

Тој посочи дека  истечен е мандатот на директорот на ССОУ „Коле Неделковски“, а таму нема кандидат што ги исполнува условите на конкурсот.
Исто така, директор треба да се избере и за новото училиште „Панко Брашнаров“, а за кое по зеленото светло од Владата, утре  одлука за основање на 38-та седница  треба да даде и Советот на Општина Велес.
На конкурсот за  директор на Народниот музеј  и на  неодамна завршениот четврт  конкурс, никој не се јавил бидејќи условите биле многу тешки, информира Коцевски.

 

Во оваа култирна институција  подолго од  година и пол  функцијата ја извршува  в.д. директорка.

Тој  информира  дека наскоро треба да се дознае дали ќе се јави соодветен кандидат  за нов директор на ЈКП „Дервен“.
Како што потенцира градоначалникот Коцевски, во повеќето од  овие  јавни институции нема соодветни стручни кандидати кои ги исполнуваат условите да станат директори.
-Значи Велес има сериозни кадровски промени и не знам како ќе го изменаџираме сето тоа и како ќе дојдеме до квалитетни раководители кои ќе ги водат сите овие институции. Законските услови се многу тешки за исполнување или со годините на стаж, односно работно искуство или со познавање англиски јазик. Имавме такви проблеми и со Гимназијата и со Економското училиште, информира Коцевски.
Градоначалникот Коцевски  потенцира дека секаде имаат проблеми за обезбедување квалификуван кадар, но сепак  очекува дека на конкурсите ќе се јават кандидати  кои  ќе ги исполни минималните законските услови.

Слични содржини