Невладините бараат да се откочи изборот на членови и раководства во девет институции

од Aleksandar Todeski

Претставници на десет мрежи на граѓански здруженија, меѓу кои и доскорешниот пратеник Павле Богоевски пред Собранието на Република Северна Македонија побараа да се прекине блокирањето на собраниската Комисија за избори и именување.

„Сакаме да ја истакнеме загриженоста од неизбирањето и именување на повеќе органи и тела. Поднесовме писма и до повеќе пратеници во Собранието, но сакаме и усно да побараме итно  и неодложно започнување на процесот на избори и именувања на кадар во следните институции: Членови на Комисија за заштита од дискриминација, Директор на дирекцијата за заштита на лични податоци, Диркетор на агенцијата за слободен пристап до информации од јавен каратктер, Директор на државниот завод за ревизија, Програмски совет на МРТ, Членови на советот на АВМУ, тројца членови на Судскиот совет на РСМ, избор на претставниците на здруженијата на граѓани во надворешниот механизам за граѓанска контрола врз полицијата и народниот правобранител, како и членови во комисијата за доделување на државната награда Мето Јовановски“, рече Јована Јовановска.

Невладините организации велат дека се загрижени за неизборот на членови во овие тела, бидејќи подолго време се без челни лица или членови. Според Јовановска, од пратениците нема никаков одговор зошто не претседава комисијата за да се избере кадарот и додаваат дека стравуваат дека постои можност пред избори да не се избере кадарот.

Сибел Амет од Блупринт групата за правосудство рече дека е загрижувачки моментот што без избор на тројца членови во Судскиот совет постои можност да застарат постапките за разрешување на некои судии.

„Новиот механизам за за граѓанска контрола врз полицијата и народниот правобранител се воспостави заради тоа што претходно немаше надзор, така да пратениците треба да запамтат дека изборот на невладините во овој механизам е за доброто на граѓаните“, рече Амет.

Миша Поповиќ од Платформата за борба против корупција вели дека има две значајни институции кои работат поддржувајќи ја транспарентноста, исклучително важни институции кои им помагаат на граѓаните и на другите институции се без раководства.

„Немаме информации дали зеле плата во Државниот завод за ревизија, но знам дека таму се загрижени за состојбата. Веќе подолго време очекуваат раководство, затоа што без раководство не можат да работат, рече Поповиќ.

Според Ашмед Елезовски од мрежата за заштита од дискриминација рече дека иако Република Северна Македонија според Уставот е мултиетничка држава, во суштина не постојат Турци, Роми, Власи, Срби и слично.

„Ако политичарите не сакаат да го слушнат нашиот глас, не знам како ќе се појават пред нас на изборите, бидејќи имаме нефункционалност во државата“, рече Елезовски.

 

А.Т.

Слични содржини