Нова акција во Италија и Шпанија против нарко-мафијата: Уапсени 58 лица

од Stefanija Kuzmanovska

Во Италија и Шпанија денеска се уапсени 58 лица осомничени за меѓународна трговија со дрога, перење пари и измама, соопшти италијанската финансиска полиција.

Има 46 налози за апсење (33 за затвор и 13 за домашен притвор) кои ги спроведуваат повеќе од 400 членови на финансиската полиција и уште 12 налози за апсење издадени од истражниот судија на Милано на барање на окружните дирекции за борба против мафијата во провинциите Милано, Бергамо, Бреша, Монца, Варезе, Мантуа, Торино, Алесандрија, Асти, Прато, Рим, Терамо, Катанија, Салерно, пренесува римскиот весник „Република“.

Со помош на обучени полициски кучиња за откривање наркотици, претресени се 96 куќи и деловни простории на териториите на Шпанија и Швајцарија, наведува весникот.

Истражните дејствија резултираа со идентификување канали за снабдување и мрежи на дилери на хашиш и марихуана, а дополнително беа запленети 10 компании, 52 куќи во Ломбардија и други региони на северна Италија, како и движен имот и финансиски средства во вредност од девет милиони евра, бидејќи постојат основани сомнежи дека се работи за противправно стекната имотна корист.

Според извештаите, криминалната организација ја сочинувале група Италијанци и Шпанци, со соработници од албанска и кинеска националност, пренесува „Танјуг“.

Истрагата особено се фокусираше на реконструкција на начините на плаќање кои ги користеле трговците со дрога, кои за да платат за набавка на наркотици користеле нелегални „банкарски услуги“ управувани од Кинезите.

Слични содржини