Нова мерка за заштита од коронавирусот: Патниците од Миално и Венеција ќе пополнуваат здравствена локатор карта

од Aleksandar Todeski
312 прегледи

Во изминатото деноноќие немаше нови пациенти кои се тестирани за коронавирусот. Како што вчера информиравме, на Клиниката за инфективни болести се јавија тројца, двајца патници од Италија и еден патник од Шпанија, кој таму престојувал во болница поради други причини, но трите тестови беа негативни, рече министерот за здравство, Венко Филипче.

Фото: Борче Поповски

„Единствената пациентка хоспитализирана е добра, нејзината здравствена состојба секојдневно се подобрува. Вчера со премиерот Оливер Спасовски одржавме состанок со координативното тело за прибирање и размена на информации во врска со коронавирусот, а учествуваа претставници на сите вклучени во ова координативно тело. Дискутиравме за настапот и координацијата на институциите, можам да кажам дека сите си ја завршуваат работата во ред. Дезинфекционите средства денеска ќе започнат да се дистрибуираат низ училиштата ширум државата“, рече Филипче.

Министерот разговарал со регионалниот директор за Европа на Светската здравствена организација и му било посочено дека во европскиот регион има 3.365 пациенти, а нови земји од вчера се Андора, Латвија и Португалија.

„Во регионот ситуацијата е таква да во Србија, Косово  и Албанија нема заболени од коронавирусот. Разговарав со грчкот министер за здравство, кој кажа дека кај нив има уште еден заболен. Со оглед на зголемениот број заболени во Европа, се одлучивме за уште еден чекор, а тоа значи дека патниците на „ВизЕр“ од Милано и Венеција на скопскиот и охридскиот аеродром ќе треба да пополнат здравствена локатор карта, на што се согласи авиопревозникот, а што ќе овозможи добра контрола на патниците. Ќе остават информации на која адреса престојуваат и доколку во некое сценарио, се јави патник со симптоми, полесно ќе се најдат патниците кои патувале со него. Во однос на препораката за неодржување за јавни собири, важи до 6. март. Имаме секојдневно состаноци, ќе ги евалуираме сите податоци и веројатно утре или рано наутро во петок, ќе излеземе со нова препорака, согласно состојбата кај нас и во земјите од регионот“, посочи министерот, кој апелираше доколку не е неопходно, да не се патува во земјите каде има заболени од коронавирусот.

Кинеските работници, вели Филипче, биле на прегледи и немаат симптоми на вирусот, повторувајќи го апелот доколку некој ги посетил ризичните региони да не оди на работа или пак доколку се ученици, да не одат на училиште, односно да бидат во привремен карантин.

Во врска со фудбалерите кои беа во Италија, минситерот посочи дека ги чекаат информациите од италијанските власти, како и дека ако ситуацијата е како до сега, за сите ќе важат истите проверки. „Нема отстапување од она што е препорачано за било кој човек кој доаѓа од било каде“, рече Филипче.

Слични содржини