Социјалдемократите ги исцртаа црвените линии за евроинтегративниот процес на земјава, во момент кога се наоѓаме во предизборна кампања. Прифаќање на резолуцијата со консензус побара лидерот на партијата, Венко Филипче, за да дадат предлози и другите политички чинители во земјава, но во резолуцијата и предлогот најдоцна до 10-ти февруари следната година да заврши финалното гласање за уставните измени. Се нагласува дека билатералните прашања поврзани со добрососедските договори, кои не се дел од европското право и копенхашките критериуми, не смеат да бидат услов за отворање и затворање на поглавјата и кластерите во процесот на пристапни преговори со Европската унија.
Веднаш по усвојувањето на уставните измени, како што стои во резолуцијата, владата треба да ја извести Европската комисија дека обврската е исполнета и да побара одржување на меѓувладина конференција на која ќе се отвори првиот кластер „темелни вредности“ најдоцна до 15 февруари 2026.
Има една новост во предлог-резолуцијата во споредба со претходните ставови. Филипче пред извесно време порача дека „доколку дојде до ново вето, треба да ги прекинеме преговорите со ЕУ“. Овој пат тоа го нема во оваа предлог-резолуција. Во неа сега се вели дека тогаш државниот врв треба да испрати заедничко писмо до европските институции.
Уште една во низата или конечно национален консензус меѓу партиите?
За дел од јавноста, предизборието не е време за вакви предлози и договарања, а ова прашање никогаш не би требало да биде предмет на меѓупартиски препукувања. Што се однесува до содржината на предложената резолуција, некои клучни елементи се контрадикторни – вели во разговор за „Локално“, поранешната директорка на Институтот за европска политика (ЕПИ) и експертка на полето на евроинтеграциите, Малинка Ристевска-Јорданова.
Според неа, контрадикторно е барањето да се почитуваат идентитетските итн. особености на македонскиот народ како елементи за кои не се преговара, а токму за тие елементи минатата влада веќе даде согласност да се вградат во преговарачкиот процес.

Малинка Ристевска-Јорданова/Фото: Принтскрин
-Натаму, со постојните Заклучоци на Советот на ЕУ и Преговарачка рамка неможно е да се спречат натамошни блокади, затоа што Бугарија со нив си го обезбеди токму тоа – влез за натамошни услови и блокади врз основа на Вториот протокол, во сите натамошни фази од процесот. Затоа и декларирањето дека Копенхашките критериуми се единствено релевантни, а билатералните спорови не треба да бидат злоупотребени од држави членки е беспредметно, кога тие веќе се злоупотребени, оценува Ристевска Јорданова.
Според неа, Резолуцијата се сведува на тоа да се легитимира она што го направи претходната влада, прифаќајќи го францускиот предлог и да се „протуркаат“ што поитно уставните измени, кои само ќе создадат нови услови и основи за блокади. Потенцира дека не се предлагаат нови механизми за да се подобри македонската позиција.
-Со писмо оваа сложена ситуација не се решава. Залагањето за реформи и отчетност пред Собранието секако се позитивни, но и тука работите се измешани – на пример Реформската агенда е еден посебен инструмент, кој треба да биде комплементарен, но во никој случај не треба да се идентификува со преговарачкиот процес за пристапување во ЕУ.
За жал, неуспехот на најголемите партии да дојдат до заеднички став во однос на преговорите со ЕУ има двојно негативно дејство – и натаму ги ослабнува македонските позиции надвор, а ги поттикнува делбите внатре во македонското општество, заклучува Ристевска Јорданова.

Фото: Официјален Фејсбук профил на Христијан Мицкоски
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски вчера изјави дека по завршувањето на локалните избори во Собранието ќе предложат македонска резолуција која што ќе има за цел да ги штити македонските национални интереси. Мицкоски со низа забелешки за црвените линии на Филипче, најмногу за Преамбулата за која рече дека има неточни факти и лаги и дека на овој начин не се штити националното.
Премиерот кажа дека имал кратко време да го прочита документот што СДСМ го достави во Собранието и немал време да навлезе во детали, бидејќи за него ќе се дискутира после изборите. Од она што успеал да го види рече дека има доста работи што тие сметаат дека би допринеле во квалитетот на самата резолуција, но она што му паднало во очи а, како што потенцира, „е типично за СДСМ да фалсификува и лаже“ се оние неколку точки кои се во самата преамбула на резолуцијата.
Според него, истовремено има неколку други фалсификати, а тоа е дека во 2005 година Северна Македонија не доби датум за почнување на преговори туку Република Македонија, односно тогашната држава која во меѓународниот поредок беше Поранешна Југословенска Република Македонија.
Н.П.