Новинарот Шенон Мелоуни истражил ретки фотографии, направени од инженери пред заминувањето на бродот

Се појави нова теорија за еден од најтрагичните бродоломи – потонувањето на „Титаник“.
Најновите докази укажуваат дека „главниот виновник“ бил пожар во задниот дел на бродот, за кој научниците тврдат дека тлеел три недели пред ударот. И покрај тоа што стручњаците и порано го разгледувале ова сценарио, ретките фотографии кои дури неодамна се проучени покажале дека пожарот навистина би можел да биде причина за потонувањето на некогаш најголемиот патнички брод на светот.
Новинарот Шенон Мелоуни, поминал повеќе од 30 години во истражување на несреќата на „Титаник“.
Проучувајќи ги старите фотографии, кои ги направиле бродските главни елетроинженери пред бродот да го напушти бродоградилиштето во Белфаст, воочил десетметарски црни траги по должина на предната десна страна на бродот, малку зад местото коешто го пробила сантата мраз.
– Тоа е истото место во коешто удрила сантата и се чини дека на него веќе постоело оштетување или дека било значајно ослабен уште пред бродот да го напушти бродоградилиштето – рекол Мелоуни.
Експертите потврдиле дека темните дамки најверојатно се создадени од пожар во трикатниот резервоар за гориво, кој бил сместен зад еден од котлите.
Екипа од 12 лица пробувала да го изгаснат пожарот, кој почнал премногу да беснее за да може да се стави под контрола, со температура што достигнала 1.000 Целзиусови степени, пишува „Индепендент“.
Според новата теорија, поради долготрајната изложеност на висока температура, градбата на бродот доволно ослабнала со што со ударот во сантата „Титаник“ се распарчил и потонал на дното на океанот.
Молони наведува дека никој од патниците не бил информиран за пожарот, бидејќи Џеј Брус Исмеј, претседател на компанијата којашто го градела „Титаник“, претходно му забранил на персоналот да го изнесува овој проблем во јавноста.
Во документарецот „Титаник: Нов доказ“ на британскиот „Канал 4“, се наведува дека бродот, исто така, бил укотвен на спротивната страна од онаа на која првобитно требало да исплови, за патниците да не го видат оганот.
– Никој досега не ги истражи овие траги. Тие целосно ја менуваат целата приказна. Металуршките стручњаци ни објаснија дека челикот на високи температури станува крт и дека неговата јачина се намалува за 75 отсто. Кога бродот удрил во сантата мраз, ѕидот на трупот бил веќе толку ослабнат така што лесно се искинал. Се знаело за пожарот, но било одлучено проблемот да се заташка. „Титаник“ никогаш не ни требаше да исплови – наведва Мелоуни.
Повеќе од 1.500 луѓе загинаа во април 1912 година, откако „Титаник“ исчезнал во длабочините на патот од Саутемптон кон Њујорк.
Со години се веруваше дека бродоломот се случил поради удар во санта.
Новата теорија целосно го менува погледот кон една од најславните водени несреќи, која и ден денес е тема на бројни дебати.