Нова забрана на ЕУ и Г7 за рускиот гас

од Vladimir Zorba

Европската унија и групата од седум најразвиени земји – Г7 – имаат намера да забранат обновување на транспортот на гас преку гасоводи кои претходно ги затвори Русија.

Како што пишува „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на анонимни извори, тоа ќе биде првпат западните земји да забранат транспорт на гас преку гасоводи од Русија од почетокот на војната во Украина.

Одлуката треба да биде објавена следната недела на самитот на лидерите на Г7 во Хирошима и ќе го спречи обновувањето на испораките на природен гас од Русија за земји како Полска и Германија, кои Русија претходно ги прекина.

Западните земји сакаат да ја спречат Русија да ги зголеми приходите од извозот на енергија.

Како што пренесува ФТ, овој потег треба да „обезбеди партнерите да не се предомислат во некоја хипотетичка иднина“.

Во нацрт-одлуката на Г7 се наведува дека целта е дополнително да се намали зависноста од руските енергетски извори „вклучувајќи го повторното отворање на тековите што претходно ги затвори Русија, која ја користеше енергијата како оружје, барем додека не се реши конфликтот“.

Од почетокот на војната, ЕУ избегнува мерки насочени кон гасоводи поради големата зависност од рускиот гас. Од друга страна, Русија ги прекина испораките преку некои гасоводи, што, според овој весник, предизвика десеткратно зголемување на цената на сината енергија.

Во последните месеци цените на гасот значително паднаа поради падот на побарувачката во текот на зимата, забрзувањето на изградбата на обновливи извори и увозот на ЛНГ. Како резултат на тоа, уделот на рускиот гас во увозот од ЕУ падна од над 40 отсто на околу 10 отсто.

Исто така, европските складишта за гас во моментов се со капацитет од околу 60 проценти во споредба со само околу триесет проценти во истиот период минатата година.

Слични содржини