Резултатите од последната фаза од националното истражување за антитела покажуваат дека околу 5,2 проценти од шпанското население било изложено на новиот вирус корона, соопштија денеска здравствените власти, потврдувајќи ги наодите од претходните фази.
Студијата, која тестираше скоро 70.000 луѓе низ Шпанија три пати во последните три месеци, откри дека распространетоста на вирусот не се променила значително откако првичните резултати беа објавени во мај, пренесува Ројтерс.
Студијата исто така сугерира дека имунитетот кон вирусот може да биде со краток век на траење, бидејќи 14 проценти од учесниците кои биле позитивни на антитела во првата фаза биле последователно негативни во последната фаза.
– Имунитетот може да биде нецелосен, може да биде минлив, може да трае само за кратко време, а потоа да исчезне – рече д-р Ракел Јоти, директор на шпанскиот институт за здравство Карлос III, кој ја водеше оваа студија.
Забележано е дека загубата на имунитет е најчеста кај луѓе кои никогаш не развиле симптоми.