Новичок пронајден во шише со вода: Дали Навални не бил отруен на аеродромот?

од Nikola Popovski

Нервниот агенс. со кој е отруен критичарот на Кремљ, Алексеј Навални, бил откриен во празно шише со вода во неговата хотелска соба во сибирскиот град Томск, што укажува дека тој бил отруен таму, а не на аеродромот, како што се сметаше претходно, соопштил неговиот тим во четвртокот.

На Навални му се слоши на летот од Сибир до Москва минатиот месец. Тој помина извесно време во сибирската болница, а потоа бил префрлен во Берлин на лекување по барање на неговото семејство.

Германија вели дека бил отруен од нервен агенс „Новичок“ и има докази за тоа, а Русија тврди дека нема докази дека е отровен.

Видеото објавено на Инстаграм профилот на Навални ги прикажува неговите соработници како пребаруваат соба во хотелот Ксандер во Томск на 20 август, еден час откако слушнале дека се разболел под сомнителни околности.

„Беше одлучено да се земе сè што може хипотетички да биде корисно и да им се предаде на лекарите во Германија. Беше очигледен фактот дека случајот нема да се истражува во Русија“, се вели во соопштението.

Труење потврдено од повеќе лаборатории

На видеото се гледа како членовите на неговиот тим со заштитни ракавици на рацете спакувале неколку празни шишиња со минерална вода во вреќи.

„Две недели подоцна, германска лабораторија откри траги од Новичок вп шише со вода од хотелската соба во Томск“, се вели во соопштението.

„После тоа, неколку лаборатории кои извршија анализа на примероците потврдија дека Навални е отруен од тоа. Сега знаеме дека тоа било сторено пред тој да ја напушти хотелската соба и да замине на аеродромот“.

Русија спроведе предистражни проверки, но ооопшти дека треба да се видат повеќе медицински анализи за да се отвори официјална истрага за случајот.

Велика Британија во средата рече дека е скоро сигурно дека руските разузнавачи го отруле Навални, еден од најжестоките критичари на претседателот Владимир Путин, и дека Русија мора да даде одговори на случајот, бидејќи употребата на хемиско оружје е неприфатлива.

Завчера, Навални објави своја слика од болница во Берлин и изјави дека сега може да дише самостојно.

Москва ги отфрла обвинувањата кон неа за неосновани.

Слични содржини