Новиот командант на украинската армија ветува нов пристап во војната со Русија

од Nikola Popovski

Новоименуваниот командант на украинската армија, Олександр Сирски, порача дека вооружените сили мора да најдат нови начини за борба за да ги поразат руските напаѓачи.

Во своите први јавни изјави откако ја презеде командата со 800.000 украински војници, Сирски се фокусираше на беспилотните летала и електронско војување како примери за користење на нова технологија за да се постигне победа.

Наведе и дека една од првите цели е да се подобри ротацијата на војниците од линијата на фронтот, пренесува Радио Слободна Европа.

Неговите изјави се чини дека се во согласност со целите на украинскиот претседател Володимир Зеленски да внесе иновации во вооружените сили и да прифати нов пристап во борбата по реконструкцијата на военото раководство.

Назначувањето на Сирски на највисоката воена функција доаѓа во време на предизвици за Украина, која се уште не знае дали ќе добие дополнителна воена помош од САД.

Во меѓувреме, двопартиска делегација на членови на американскиот Конгрес се состана со Зеленски во петокот за да го увери дека ќе сторат се што е во нивна моќ да го усвојат клучниот нацрт-закон за воена помош преку Претставничкиот дом.

Делегацијата се состоеше од четворица членови на Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом: републиканците Мајк Тарнер и Френч Хил, заедно со демократите Џејсон Кроу и Абигејл Спанбергер.

Слични содржини