Обвинителството ќе изведе докази, продолжува судењето за ракометарот кој беше претепан пред дискотека

од Берта Китинска

Продолжува судењето за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, кој беше претепан до смрт пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и продолжува со изведување докази од обвинителството, откако на минатото рочиште беа сослушани вештите лица Александар Станков и Рената Јанкова од Судска медицина при Медицинскиот факултет во Скопје.

Вештите лица беа согласни дека повредите кои ги здобил сега покојниот се класифицирани како тешка телесна повреда со опасност по живот и истите се поврзани со смртниот исход на оштетениот.

Осомничените за убиството на Тот, 28-годишниот Анџело Ѓорѓиевски, 19-годишната Клементина Лефковска и 22-годишниот Андреј Костовски се во притвор од април.

Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.

– По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрво настанала коматозна состојба, а следниот ден починал, стои во соопштението од Обвинителство објавено на 21 јули годинава.

Слични содржини