Од денес започнува кампањата за парламентарни избори

од Nikola Popovski

Започна кампањата за парламентарните избори. Во трка за пратеничко место во собранието се 17 партии и коалиции. 13 од нив имаат листи во сите 6 изборни единици. Поднесена е и листа од група избирачи, Ѓула Челику, која влез во парламентот ќе бара само преку шестата изборна единица.

Со измените на Изборниот законик, на гласачкото ливче од број еден до број седум, редоследот на коалициите и на партиите е ист како за претседателските избори.

Коалицијата „Европска иднина“ предводена од СДСМ ја стартува парламентарната кампања со настан „Нема откажување од иднината“ во Скопје, а ќе има и митинзи во Демир Капија и во Гевгелија. Активности ќе има и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски. ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“, пак, традиционално ќе ја почнат кампањата со митинг во Охрид, а ќе се претстави и кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова.

Коалицијата „Европски фронт“ најави активности во Скопје  за конститутивна седница  на победничко собрание од Парламентарните избори на 8 мај 2024 и претставување на претседателскиот кандидат Бујар Османи, како и централен митинг во Куманово. Во Куманово митинг ќе има и Движењето ЗНАМ и претседателскиот кандидат Максим Димитриевски. Во Штабот на Коалиција Вреди кај плоштадот Скендербег во Скопје е најавена перс-конференција на претседателскиот кандидат Арбен Таравари и на носителите на листите на кандидати за пратеници во сите изборни единици.

Претставници на подносителите на листи за кандидати за пратеници во Собранието вчера напладне во Кристалната сала на законодавниот дом, го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори, со исклучок на неколку помали партии и коалиции.

Парламентарните избори ќе се одржат на 8-ми мај.

Слични содржини