Кина подготвува контрамерки за да се спротивстави на новите царини наметнати од Соединетите држави, објави Глобал тајмс, зголемувајќи го влогот во ескалацијата на трговската војна помеѓу двете најголеми економии во светот.
Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела и се закани на Кина со дополнителни 10 отсто царини, кои треба да стапат на сила во вторник, со што кумулативните царини ќе достигнат 20 отсто. Покрај тоа, тој го обвини Пекинг дека не прави доволно за да го спречи фентанилот да влезе во САД, што Кина го опиша како обид за „уцена“.
„Кина подготвува и формулира контрамерки за да одговори на заканата од САД за воведување дополнителни царини од 10 отсто за кинески производи под изговор за спречување на шверцот со фентанил“, објави во понеделникот „Глобал тајмс“, цитирајќи анонимен извор.
Контрамерките најверојатно ќе вклучуваат тарифи и низа други мерки, а списокот најверојатно ќе вклучува земјоделски и прехранбени производи.
Кина останува најголемиот пазар за американски земјоделски производи, и покрај падот на увозот, откако Пекинг воведе царини до 25 отсто на соја, говедско, свинско месо, пченица, пченка и сорго во 2018 година.
Најголемиот светски увозник на земјоделски производи и втората по големина економија увезе американски земјоделски производи во вредност од 29,25 милијарди долари во 2024 година.
По најавата на Трамп, Пекинг за помалку од една недела мора да спроведе контрамерки или да постигне договор. Аналитичарите велат дека Пекинг се уште се надева на преговори со администрацијата на Трамп, но без знаци за трговски разговори, можноста двете економии да се приближат се намалува.