Од Влада негираат дека Заев имал средба со Пекер

од Nikola Popovski

Од владиниот Кабинет на премиерот демантираат дека Зоран Заев имал средба со турскиот криминалец, Седат Пекер.

„Претседателот на Владата немал средба со лицето за кое прашувате“, соопштиле од Влада за ТВ 24.

Пекер, кој е еден од стотината луѓе кои добиле лажен пасош, вчера преку видеа објавени на социјалните мрежи се пресметуваше со турската држава која има распишано потерница по него.

Во едно од видеата, Пекер зборува за тоа дека бил пријател со македонскиот премиер Зоран Заев и со лидерите на сите политички партии во Македонија. Исто така, вели дека бил депортиран само затоа што визата за престој во Македонија му истекла.

Според информациите од билтенот на МВР, Пекер бил протеран од Македонија на 19 јануари годинава, а според она што го презентираше ВМРО-ДПМНЕ на прес конференцијата за аферата „Мафија“, Пекер четири дена потоа се сликал за лична карта во полициска станица во Скопје по што добил македонски пасош со лажен идентитет на Џадин Амедовски од Чаир.

Денес пратеникот од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, му постави пратеничко прашање на премиерот Зоран Заев во врска со наводната средба со Пекер.

„Поради тоа што во јавноста има голем интерес за сигурноста на системот за издавање на биометриски патни исправи и кој од повисоките владини структури можел да биде во тек со издавањето на 214 пасоши на нарко-босови со украден идентитет во случајот „Мафија“, јас до премиерот Заев поставив едноставно пратеничко прашање: ‘Дали вие лично се имате сретнато со турскиот државјанин Седат Пекер, по кого Турција и Интерпол трагаат со меѓународна потерница?‘ И да појаснам, не е од примарен интерес дали евентуалната средба Заев-Пекер била службена, неформална, во приватен дом, во работен ден или за викенд“, напиша Милошоски на Фејсбук.

Слични содржини