Одбраната на Камчев: На бизнисменот му се врши класична тортура, Вишото обвинителство му одобри домашен притвор

од Nikola Popovski

Aдвокатскиот тим на бизнисменот Орце Камчев денес соопшти дека нивниот клиент трпи неоснован притисок и дека кон него има личен анимозитет и класична тортура.

-Вишото јавно обвинителство пред два дена ја прифати гаранцијата која г-динот Јордан Камчев ја понуди како замена на затворскиот, со поблага мерка, домашен притвор оценувајќи дека понудените гаранции се доволна потврда и обезбедување за замена на мерката. Покрај тоа, Вишото јавно обвинителство го зема во предвид и фактот дека се работи за бизнисмен кој има повеќе од  2500 вработени и кој пред издржување на мерката притвор секогаш уредно соработувал со сите органи на прогонот и судот.

Во предвид е земено и дека по четири месеци ефективен притвор, г-динот Јордан Камчев е со видливо влошена здравствена состојба и истата продолжува да се влошува бидејќи во КПУ Затвор Скопје не постојат соодветни медицински и санитарни услови за третирање на конкретната здравствена состојба.  Пред само неколку денови, г-динот Камчев, пет дена беше хоспитализиран на Клиниката за кардиологија во Скопје. Г-динот Камчев има фамилијарен историјат на кардиоваскуларни заболувања, самиот тој за истата здравствена проблематика практикува терапија од својата 15 годишна возраст. По неговото последно влошување на состојбата додека ја издржува мерката притвор и неговата хоспитализација на Клиниката за кардиологија, со оглед на ситуацијата, постои голема загриженост за сериозен ризик по неговото здравје, стои во соопштението.

Тие сметаат дека во ситуација кога подносителот на обвинението, односно јавното обвинителство, кое ја отпочнало самата кривична постапка и истата ја довело до судска постапка, повеќе не постојат причини и потреба да му бидат строго ограничени слободите и правата на обвинетиот и судот не би смеел да ја оценува волјата и ставот на јавното обвинителство и да одлучи единствено на штета на обвинетиот.

-Оттука,  целосно небулозно е ваквото постапување на судот кое не соодејствува со законски определената улога на судот во кривичната постапка па поради тоа, се отвора и прашањето за незавиност и непристрасност на судот во случајот со г-динот Камчев, велат од одбраната, додавајќи дека можеме да заклучиме дека се работи за веќе видливо неоснована репресија врз г-динот Камчев, личен анимозитет кон г-динот Камчев како и класична тортура која веќе секако беше потврдена и од Народниот правобранител.

Камчев се наоѓа во притвор поради во предметот „Плацови на Водно“, каде меѓу обвинетите е и Мијалков. Во петок (16 јули) тие треба да бидат пренесени во Основниот кривичен суд во Скопје, каде треба да стартува судењето за овој предмет. Со нив, обвинети се и поранешниот премиер, Никола Груевски, Ристо Новачевски, Ненад Јосифовиќ и мајката на Камчев, Ратка Куновска-Камчева.

Слични содржини