Околу 20 имиња во трка за највисоките позиции на ЕП: Фон дер Лејен се уште не најавила кандидатура

од Stefanija Kuzmanovska

На четири месеци пред изборите за Европскиот парламент (ЕП), околу 20 имиња се во трка за водечки позиции во ЕУ, пишува EU Observer.

Како што наведува порталот, претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лејен се уште не се огласила за кандидатура, но се очекува дека ќе бара втор мандат, бидејќи има голема поддршка од европските претставници.

Претседателот на Советот на Европа, Шарл Мишел, најави дека нема повторно да се кандидира за функцијата, а не е познато дали претседателката на Европскиот парламент (ЕП) Роберта Мецола и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, ќе го сторат тоа.

Судејќи по претходните избори во ЕУ, оние кои предвреме најавија дека ќе се кандидираат брзо се откажаа од трката, бидејќи ваквата најава за кандидатура им даде повеќе време на противниците да ги нападнат, наведува порталот.

Некои од значајните имиња кои веќе се во трка за различни позиции се поранешниот португалски премиер Антонио Коста, поранешниот италијански премиер Марио Драги, данската премиерка Мете Фредериксен, естонската премиерка Каја Калас, поранешниот холандски премиер Марк Руте, шпанскиот премиер Педро Санчез и ирскиот премиер Лео Варадкар.

Ерик Морис од Центарот за европска политика во Брисел вели дека, под претпоставка дека Фон дер Лејен ќе добие втор мандат, политичката рамнотежа на силите ќе постави социјалист за претседател на Европскиот совет и либерал како висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

Морис тврди дека Коста, Калас и Фредериксен се сериозни претенденти, иако Коста мора прво да ја расчисти загриженоста за истрагата за корупција во Португалија.

„Влогот е голем за ЕУ ​​поради економското и безбедносното опкружување“, вели Морис и оценува дека „личните квалитети“ на поединците треба да бидат поважни отколку што тоа беше случај во минатото.

Слични содржини