ОМО Илинден-Пирин до Османи: Срамота е шефот на македонската дипломатија да проверува што прават граѓани на друга земја во својата земја

од Nikola Popovski

Здружението на Македонци во Бугарија, „ОМО Илинден-Пирин“ се револтирани од тоа што министерот за надворешни работи Бујар Османи најави дека ќе изврши проверка кој стои позади отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград.

-Тоа е познато на сите и никој го нема криено. На прво место Друштво за заштита на основни човекови права во Благоевград, друштво кое повеќе пати ја истакнува својата поддршка за евроинтеграцијата на Македонија и за добрососедството меѓу Македонија и Бугарија. Финансиери на клубот се двајца истакнати припадници на македонската заедница во Торонто Канада: Глигор Цанев и Минчо Остас. Посредник е Македонско меѓународно движење за човекови права. Но господинот Османи не се интересира ниту од тоа кои го отворат клубот, ниту кој го финансира, туку се фиксирал само врз некои искажувања на посредникот искажувани во врска со други настани. Можеби затоа што си барате изговор зашто нема да дојдете?! Правдање, зашто надворешниот министер на Македонија не ги поддржува Македонците во Бугарија?, прашуваат од здружението.

Според нив, „срамота е што шефот на македонската дипломатија ќе проверува што граѓани на друга земја прават во својата земја и што граѓани на трета земја финансираат“.

Од таму упатуваат две прашања до Османи.

-Нели ветивте да не се мешате во внатрешните работи на Бугарија – да проверувате што прават граѓани на Бугарија во Бугарија не е ли директно мешање? И не е ли тоа работа на бугарските институции, ако сакаат нешто да проверуваат на нивна територија? Од кога македонското надворешно министерство е разгранок на внатрешното министерство на Бугарија? Отворањето на Културен клуб на име на поетот антифашист Никола Вапцаров не е исто со отворање на „културен“ клуб на име на терорист и хитлеров соработник, појаснуваат од „ОМО Илинден-Пирин“ преку објава.

Османи смета дека како што отворањето на клубовите во Охрид и Битола, така и отворањето на клубот во Благоевград не е во функција на добрососедските односи меѓу двете држави.

Денеска тој на прес-конференција изјави дека дознал кој го финансира клубот во Благоевград.

-Кога дознав кој го финансира клубот ми беше јасно. Тоа е фондација од Канада, која има и своја веб-страница и доколку ги гледате позициите кон државата, кон стратешките интереси на државата ќе видите дека не е во функција на тие стратешки интетреси и не очекувам дека ќе биде во функција на граѓаните и на односите меѓу двете земји. Фактот што финансиер на тој клуб е тоа здружение за мене е доволен факт дека оваа иницијатива нема добра намера, рече Османи.

Слични содржини