Тарифите наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп за речиси целиот свет и контрамерките од другите земји би можеле да имаат „катастрофални“ последици за земјите во развој, предупреди во петокот агенција на Обединетите нации.
Светската трговија би можела да падне меѓу три и седум отсто, а БДП на земјите за 0,7 отсто. Земјите во развој ќе бидат најтешко погодени, предупреди Меѓународниот трговски центар (ITC).
„Огромно е“, рече извршната директорка на агенцијата на ОН, Памела Кок-Хамилтон.
„Ако ескалацијата меѓу Кина и САД продолжи, тоа ќе резултира со 80 отсто пад на трговијата меѓу двете земји, а домино ефектот од тоа може да биде катастрофален насекаде“.
Глобалните пазари продолжија да се соочуваат со турбуленции во петокот, иако Трамп објави дека ги одложува царините за сите, освен за Кина за 90 дена. На азиската земја, пак, ги зголеми царините на 145 отсто.
Пекинг одговори со контратарифи на САД, па тие во моментов се на 84 проценти.
„Царините би можеле да имаат значително поштетен ефект од намалувањето на странската помош“, рече Кока-Хамилтон, предупредувајќи дека економиите во развој ризикуваат да го загубат економскиот напредок постигнат во последните години.
ITC своите проекции ги заснова на податоци кои не ја земаат предвид паузата од 90 дена, но и кинеските и американските царини.