Оштетени штедачи: Како од Јанев Трејд-Мар земалe ненаплатлив кредит од 625 илјади евра на основа на обична меница со 30 пати поголем долг од капиталот на фирмата?

од Берта Китинска

„Тековната задолженост на фирма кредитобарател е еден од значајните критериуми според којшто се оценува дали фирмата е кредитоспособна да отплаќа долг и дали воопшто може да и се одобри кредит. Во Еуростандард банка овој критериум ниту некој го гледал, ниту биле значајни финансиските извештаи од фирмите за последните три години, ниту се правела кредитна анализа, ниту пак се водело сметка за управување со кредитниот ризик. Формално постоеле и кредитна политика, и пропишани процедури, и одлука за управување со кредитен ризик како и критериуми и правила за одобрување на кредити. Меѓутоа, раководните лица на банката се однесувале како да не постојат сите овие документи, правила и процедури на банкарско работење, додека депозитната база ја делеле каде стигнале и како се договориле за поделба на нашите доверени лични парични средства“,соопштија од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.

„Според извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски, Јанев Трејд-Мар дооел увоз-извоз е фирма со седиште во Струмица која е само една од таквите многубројни примери со огромна тековна задолженост, со долг према Еуростандард банка од 625 илјади евра и никогаш не вратен. За овој кредит фирмата не платила ниту една рата 438 дена пред затворањето на банката минатата година, а го обезбедила кредитот само со обична меница. Не платила ниту еден денар од 2019 година.

Податоците за фирмата говорат дека таа е основана во јули 2013 година, со непаричен влог од 5 илјади евра. Сопственик и управител на фирмата е Ѓорге Јанев. Основна дејност на фирмата е трговија со пијалоци на големо.

Билансите покажуваат дека оваа фирма била презадолжена со години. Во 2019 година фирмата имала долгови од околу 750 илјади евра додека капиталот и резервите на фирмата биле 24 илјади евра. Односно, долговите на фирмата биле околу 30 пати поголеми од нејзиниот акумулиран капитал. Задолженоста на фирмата била 97 отсто, што ја прави истата презадолжена, нестабилна и високоризична за соработка. Фирмата тековно должи и над 8 илјади евра во Управата за јавни приходи. На основа на кои критериуми, кредитна анализа и финансиски показатели е одобрен овој кредит од менаџментот на банката? Фирмата ниту имала капацитет ниту била бонитетна да земе кредит, а го добила со обезбедување само со обична меница. Не плаќала рати со години и никој не направил ништо околу тоа. Очигледно, менаџментот на банката не бил заинтересиран за наплата на кредитот. Веројатно е така поради тоа што парите биле дадени на вересија додека дел од нив бил поделен со оние кои ги одобриле ненаплатливите кредити.

Дали истражните органи го прашале и сопственикот на фирмата Ѓорге Јанев како неговата фирма го добила ненаплатливиот кредит и каде всушност завршиле нашите пари? Повеќе од јасно е дека тоа се земени пари од банката за да не се вратат.

Како тоа гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска не го видела ниту овој високоризичен ненаплатлив кредит, еден од многуте од ваков вид во ограбената банка? Кога гувернерката Бежоска ќе одговара за соучеството во грабежот на нашите депозити? До сега не добивме одговор на многу наши суштински прашања од оваа личност поставена на високо одговорна државна функција.

Над 3.000 семејства на граѓани и фирми им го одземаа целиот личен имот доверен во лиценцирана и контролирана, но ограбена банка. Криминал тежок речиси 60 милиони евра. Ни земаа се во сред пандемија и тешка економска криза, немаме што повеќе да загубиме. Фактите и доказите за сторениот организиран криминал и високата корупција во ограбената Еуростандард банка се веќе одамна на дофат. Бидејќи молкот и толерирањето на грабежот од сите надлежни државни институции не престанува, ние продолжуваме со изнесување на понатамошни факти за начините на кои истиот е организиран и реализиран, кои факти ќе станат и уште повеќе интересни за пошироката јавност“, истакнуваат од Здружението.

Слични содржини