Османи: Мојот влез во вториот круг беше оневозможен поради отсуството на единствен кандидат Албанец

од Nikola Popovski

Кандидатот за претседател и шеф на македонската дипломатија, Бујар Османи во интервју за косовската „РТК“ порачал дека вториот круг од претседателските избори со македонски противкандидат бил оневозможен за него бидејќи албанските политички партии немале единствен кандидат.

Османи истакнал дека била одржана средба на која косовскиот премиер Албин Курти и албанскиот премиер Еди Рама разговарале за претседателските избори во Македонија и за тоа кој би можел да биде кандидат на албанските партии.

Договорено било, истакнува, да се спроведе анкета, по која кандидатот со најголема поддршка да добие поддршка и од другите партии. Информирал дека во таа анкета тој бил прв, додека Арбен Таравари бил трет или четврт.

„И покрај тоа што анкетата беше фер, инсистирањето на индивидуална кандидатура се одрази и на резултатот од изборите. Тоа ја наруши можноста да бидам кандидат во вториот круг со македонски противкандидат“, рекол Османи.

Тој изјавил дека спротивната страна јавно ја прифатила поддршката на, како што вели, македонската националистичка партија ВМРО-ДПМНЕ, а сето тоа според него е направено со цел да се заплашат Албанците и да се предизвика забуна кај албанските гласачи.

„Предизвикаа чувство на омаловажување на Албанците, што не е направено во последните децении“, оценил Османи.

Слични содржини