Оставка на директорот на американското Биро за етика

од Vladimir Zorba

  Директорот на американското владино Биро за етика, Валтер Шауб соопшти дека на 19 јули ќе се повлече од функцијата.

– Работејќи со актуелната администрација, ми стана јасно дека постои потреба од унапредување на постоечката етичка програма, вели Шауб во образложението на својата неочекувана оставка.

Тој во образложението не го споменува директно претседателот Доналд Трамп, но американските медиуми тврдат дека оставката на само шест месеци пред истекот на неговиот последен петгодишен мандат, е последица на судирите што Шауб ги имаше со актуелниот претседател на САД и неговата Администрација.

Белата куќа не ја коментираше оставката, освен што во кусо соопштение посочи дека се почитува неговиот придонес на функцијата, како и дека во кус рок претседателот ќе именува негов наследник.

Првпат Шауб се судри со Трамп уште пред републиканците да влезат во Белата куќа, кога новиот претседател објави план за тоа дека неговите два сина ќе ја преземат работата и контролата врз неговата компанија.

Бирото за етика веднаш реагираше со предупредување дека може да постои конфликт на интереси, иако претседателот формално се откажа од компанијата што самиот ја има создадено и при тоа предложи нов систем за етичност со кои ќе се блокираат ваквите ситуации.

Шауб предупредуваше на конфликот на интереси и при именувањето членови на Администрацијата на Трамп, затоа што повеќето од нив имаат бизнис интереси и финансиски приходи во разни сектори.

Валтер Шауб се судри со претседателот Трамп и поради неговото барање за санкционирање на советничката во Белата куќа, Келиен Конвеј, кога таа во едно тв интервју јавно побара од гледачите да ја купувааат трговската марка на Иванка Трамп, ќерка на претседателот и негова советничка/МИА

Слични содржини