Осуда од сите страни за нападот на новинарската екипа на Ал Џазира во центарот на Скопје

од Nikola Popovski

Агенцијата за аудио и аудиовиозуелни медиумски услуги (АВМУ) го осуди нападот на новинарската екипа на Ал Џазира на вчерашниот протест во Скопје.

Ваквите појави, потсетува денеска во соопштение АВМУ, претставуваат загрозување на слободата на изразување и на правото на информирање на јавноста.

-На медиумите треба да им се обезбедат услови за професионално работење и медиумските работници во ниту еден момент не смеат да бидат попречени во вршењето на своите работни задачи, порача АВМУ.

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) веќе го осудија нападот врз телевизиската екипа и бараат од МВР да го санкционира напаѓачот за кој има и јавно достапна снимка од настанот.

Новинарката на Ал Џазира, Милка Смилевска, на Фејсбук напиша дека лицето кое ги нападнало прво прашал од која телевизија се, по што го турнал микрофонот додека тие снимале изјава од учесник на протестот.

Таа објави и две видеа на кои се гледа лицето кое ги нападнало, како и моментот кога од рака и е турнат микрофонот додека е на работна задача.

Смилевска додава и дека лицето го пријавила до полицијата, по што било приведено и против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

Слични содржини