Откриена измама и запленети цигари, девизи, парфеми, фалсификати…

од Vladimir Zorba

  

Во текот на минатата недела, царинските службеници открија една царинска измама и неколку обиди за криумчарење, при што привремено се задржани цигари, девизи, делови за камиони, сообраќајни дозволи, парфеми, тоалетни води и фалсификати.

Задржана е следната стока:

Цигари

– 75 штеки цигари, од марките LD, Benston, Rodeo, Pall Mall и Marlboro, со македонски акцизни маркички и 10 штеки цигари од марките Karelia, Malboro, Gauloises и Ome, без акцизни маркички, откриени при контрола на грчки автомобил управуван од грчки државјанин, пријавени за излез од државата на граничниот премин Дојран. Непријавените производи, пронајдени во просторот меѓу задното седиште и багажникот, се привремено задржани, а против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Девизи

– 24.000 дански круни, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на багажот на македонски државјанин кој допатувал со лет од Виена. Во ранецот на патникот биле пронајдени непријавени 99.000 дански круни, од кои согласно законските прописи, на патникот му биле вратени 75.000 дански круни, противвредност на 10.000 евра, износ што може слободно да се внесе во државата, а за сторениот прекршок е поведена прекршочна постапка.

Парфеми и тоалетни води

– 62 парфеми и тоалетни водиод марките, откриени на скопскот аеродром Александар Велики, при контрола на багажот на македонски државјанин, кој допатувал со лет од Париз. Непријавените производи се привремено задржани, а против патникот е поведена прекршочна постапка.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

– 1 дијагностички уред за автомобили со ознака на заштитена трговска марка, откриен во царинската испостава Аеродром Скопје – отсек за стоково царинење, при контрола на брза пратка од Сингапур наменета за физичко лице од Скопје.

Поради сомневање дека производот повредува права од интелектуална сопственост, истиот е привремено задржан, и согласно законските прописи ќе биде отпочната постапка за утврдување на неговата оригиналност.

Делови за камиони и сообраќајни дозволи

– 2 нови гуми, калник и интеркулер за товарни возила, откриени при контрола на бугарски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран. Непријавените делови, пронајдени во кабината, на долниот кревет, покриени со ќебе, и во сандак од приколката, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 2 сообраќајни дозволи од бугарски автомобил, откриени при контрола на бугарски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Делчево. Според изјавата на возачот, сообраќајните дозволи, што биле пронајдени во фиоката за документи, ги носел во Бугарија за да ги одјави, а возилото поради дефект го продал во отпад. Со таквата постапка возилото било пуштено во слободен промет без претходно да биде ставено во пропишана царинска постапка и без да бидат платени увозни давачки. Сообраќајните дозволи се привремено задржани, а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Измама

Во царинска испостава Гевгелија е откриен обид за избегнување плаќање на увозни давачки со погрешно декларирање на потекло на стока.

Во ноември 2016 година, увозник од Скопје пријавил за увозно царинење употребувано патничко моторно возило, при што приложил фактура во која била наведена изјава за европско потекло на стоката, со цел царинење со стапка за царински давачки од 0%. Поради сомневање во автентичноста на изјавата во фактурата, истата била испратена на проверка во Република Германија, од каде на 04.07.2017 година е добиен одговор дека извозникот не доставил документ за докажување на преференцијално потекло на возилото, односно дека изјавата во фактурата не е автентична. Врз основа на добиениот одговор царинската испостава изврши пресметка на дополнителни увозни давачки во износ од околу 28 илјади денари, изготви Записник за потекло и спроведе прекршочна постапка со мандатна казна против фирмата увозник, соопштуваат од царинска управа на Република Македонија.

Слични содржини