Ова е човекот кој им помогна на Нетанјаху и Орбан да дојдат на власт, го нарекуваат татко на модерниот популизам

од Nikola Popovski

Џорџ Бирнбаум е меѓу одговорните за тоа што Бенјамин Нетанјаху и Виктор Орбан се на власт. Тој е еден од татковците на модерниот популизам кој верува дека е добро да се има непријател.

Во својата 30-годишна кариера како политички консултант, тој му помогна на Нетанјаху да дојде на власт во 1996 година и на Орбан во 2010 година. Има клиенти во голем број земји и често е на авионски пат меѓу Њујорк, Дубаи и Хараре.

Бирнбаум изгради репутација како „едно од децата на Артур“ – негов ментор и деловен партнер беше Артур Финкелштајн, брилијантен математичар кој смисли нов модел на политичка кампања во Соединетите Американски Држави, помагајќи му на републиканецот Ричард Никсон да биде избран за претседател во 1972 година. Тој им помогна и на многу други републиканци.

„Треба да се обидете да ги поларизирате изборите околу прашањата што најмногу одговараат на вашата насока, а тие прашања во државата Њујорк се дрогата, криминалот, расата. Кога вашиот противник ќе се согласи на поларизација тогаш сте во неволја“, напиша Финкелштајн во 1970 година.

Ангажман во Израел

Двојката предизвика драматичен политички земјотрес кога Нетанјаху првпат беше избран за премиер на Израел. Ова се случи само неколку месеци по атентатот на поранешниот премиер Јицак Рабин. Убиството се случило во време кога премиер на Израел бил Шимон Перес.

Слоганот на Нетанјаху беше одреден од тогашните мировни преговори со Палестинците, а гласеше: „Перес ќе го подели Ерусалим“. Бирнбаум признава дека тоа не е точно, но, како што наведе, имало области кои можеле да отидат кај Палестинците.

Ангажман во Унгарија

За Орбан почна да работи во 2008 година, а веќе во 2010 година, десничарската партија на Орбан – Фидес извојува убедлива победа. На Орбан му требаше нов непријател три години подоцна. Ова требаше да биде човек од кого може да се каже дека Унгарците се плашат. По темелно истражување на јавното мислење, беше одлучено дека тој непријател ќе биде милијардерот Џорџ Сорос. Оттогаш Сорос е на мета на унгарскиот премиер.

„Сорос беше добра мета бидејќи на доволно луѓе во Унгарија не им се допадна идејата за милијардер зад завесата, личност од речиси волшебникот од Оз која ја контролира политиката“, рече Бирнбаум.

Тој престана да работи за Орбан во 2015 година кога унгарскиот премиер откри нов непријател, муслиманите мигранти. Кога Сорос во септември 2015 година рече дека Европската унија треба да прифати голем број баратели на азил, тоа беше знак за Орбан.

Сорос, кој е Евреин, е обвинет дека сакал да ја уништи „христијанската“ Европа со муслиманските мигранти. Ова е теорија на заговор што се рашири меѓу европските десничари. Мигрантите станаа „втор“ страв меѓу Унгарците, заменувајќи ги Евреите или Ромите. Демонизацијата на Сорос започна во Унгарија и се прошири низ целиот свет.

„Не плашете се да ги нарекувате вашите непријатели со нивното вистинско име. Тие никогаш нема да покажат милост. Помислете на Сорос за момент. Јас го познавам многу добро. Тој е мојот противник и не верува во ниту една работа што ја правиме “, им рече Орбан на американските републиканци на Конференцијата на Конзервативната политичка акција (CPAC) во 2022 година.

За Сорос и Орбан

Сопругата на Бирнбаум е Украинка, па често ја посетуваат Украина. Нивниот пријател е градоначалникот на Киев Виталиј Кличко. Бирнбаум смета дека војната во Украина е потсетник зошто слободата и демократијата се важни. Како што рече, ако го сретне Сорос на улица, ќе го покани на пијачка.

„Не се согласуваме за многу работи. Но, би сакал да знам за кои работи се согласуваме за иднината на западната демократија, либералната демократија. Имам проблем со екстремизмот од двете страни, без разлика дали тоа е прогресивната левица. без разлика дали тоа е екстремната, изолационистичка десница“, вели тој.

Поминаа речиси десет години откако последен пат разговарал со Орбан. Му се восхитувал кога го запознал. Смета дека е меѓу ретките кои имаат „длабоко познавање“ од политиката и економијата. Сепак, тој сега е на мислење дека Орбан е предолго на власт. Бе се согласува со неговите изјави дека „секој мигрант е потенцијален терорист“ и дека „не сме подготвени да станеме нации од мешани раси“.

Бирнбаум е на мислење дека најдобри лидери се оние кои се посветени на заеднички цели, пишува Би-Би-Си.

Слични содржини