Паника во Унгарија: Олигарсите на Орбан бегаат со приватни авиони, изнесуваат милијарди и уништуваат документи

Според информациите на странските медиуми, од блиските аеродроми веќе наголемо полетуваат приватни авиони поврзани со лица од кругот на досегашната власт. Истовремено, поединци забрзано го пренасочуваат својот имот во странство

од Кристијан Димков
31 прегледи Фото: Фејсбук/Принтскрин/Официјален профил на Виктор Орбан

По објавувањето на изборните резултати и поразот на долгогодишниот унгарски премиер Виктор Орбан, за многумина следуваа прегратки, славење и чувство на историска пресвртница.

Сепак, додека дел од државата го славеше крајот на 16-годишната ера, во позадина започна сосем поинаков процес – брзо и тивко повлекување на капиталот и луѓето кои во тој период го изградија своето богатство.

Според информациите на странските медиуми, од блиските аеродроми веќе наголемо полетуваат приватни авиони поврзани со лица од кругот на досегашната власт. Истовремено, поединци забрзано го пренасочуваат својот имот во странство.

Како дестинации за спасување на капиталот се споменуваат Саудиска Арабија, Оман и Обединетите Арапски Емирати, но и пооддалечени локации како Австралија и Сингапур, пренесува британски „Гардијан“.

Идниот премиер Петер Маѓар, чија партија „Тиса“ убедливо победи на изборите, предупредува дека на дело е систематски обид за заштита на сомнително стекнатиот имот од можни истраги.

Според неговите зборови, „олигарсите поврзани со Орбан во моментов префрлаат десетици милијарди форинти“. Поради тоа, тој упати драматичен повик до обвинителството, полицијата и даночните органи итно да реагираат, да ги спречат заминувањата и да ги задржат осомничените додека тоа е сè уште можно.

Маѓар тврди дека некои семејства од влијателните кругови на „Фидес“ веќе ја напуштиле државата, отпишувајќи ги децата од училиштата и набрзина организирајќи трајно заминување. Истражувачките новинари во Унгарија известуваат дека клучни лица од партијата на Орбан се обидуваат да го заштитат имотот од замрзнување, заплена или дури и национализација која би можела да ја воведе новата власт.

Аналитичарите предупредуваат дека процесите за враќање на незаконски стекнатите јавни пари би можеле да траат со години, а дополнителен отпор на новата власт би можеле да пружат и корумпирани поединци во самиот државен апарат.

Новиот премиер ја опиша Унгарија под власта на Орбан како „опустошена, предадена, задолжена и уништена“ држава, додавајќи дека таа станала една од најкорумпираните членки на Европската Унија.

Маѓар особено предупредува на извештаите што пристигнуваат од министерствата и поврзаните институции за масовно уништување документација во неделите пред смената на власта. Досегашната власт категорично ги отфрла овие обвинувања. Министерот за надворешни работи ги нарече тврдењата за уништување документи „бесмислени и претерани“, тврдејќи дека се работи исклучиво за уништување двојни хартиени копии од документи кои веќе се зачувани во електронска форма.

Кабинетот на Виктор Орбан засега не ги коментира овие обвинувања. Орбан најави дека нема да го прифати пратеничкиот мандат во парламентот, но дека има намера да остане на чело на партијата „Фидес“ за да го води процесот на нејзина „обнова“.

Паралелно со внатрешните потреси, дел од политичката и бизнис елитата наводно спас бара во САД. Поединци поврзани со „Фидес“ веќе ги проверуваат опциите за добивање работни визи и вработување во институции блиски до републиканското „MAGA“ движење.

Долгогодишното политичко зближување на владата на Орбан и администрацијата на Доналд Трамп очигледно создаде мрежа која сега би можела да послужи како сигурно засолниште за врвот на унгарската политика. И самиот Орбан наскоро би требало да замине во САД, каде што планира да помине неколку недели. Неговото семејство таму веќе има воспоставено врски, со оглед на тоа што неговата ќерка и зет, според наводите на медиумите, минатата година се преселиле во Њујорк.