Пендаровски: Само Македонците кои имаат лабаво национално самочувство можат да плашат со бугаризација

од Nikola Popovski

Претседателот Стево Пендаровски појасни дека Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија не може да се укине со закон.

-Во Уставот стои дека меѓународно ратификуван договор не може да биде променет со закон. Договорот со Бугарија е ратификуван во Собранието и вели не може да биде променет со закон и преку референдум не може да се поништи. Јас бев за референдум, но за вистинското прашање. Ни беше нужен, но не со овие магливи варијанти што ги предлага ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи немаше храброст да каже дека сме против Европа и европската преговарачка рамка, туку вели сме против Договорот со Бугарија.

Во една реченица во таа европска преговарачка рамка, се спомнати Охридскиот, Преспанскиот и Договорот со Бугарија, како предуслови за напредување. Јас бев спремен да излезам на референдум на кој ќе се постави прашањето дали сте за Европска унија или не сте, истакна Пендаровски, во гостувањето на емисијата „Трилинг“.

Според него, од бугаризација плашат или најавуваат само Македонците кои имаат лабаво македонско национално самочувство.

-Навредливо е за македонската нација да кажеш дека преку договор, протокол, механизни дека јас и ти можеме да станеме Бугарија. Тоа е комично. Духот за наводна бугаризација е измислен за да го плаши македонскиот народ, кој има свои корени и цврсто втемелено национално самочувство. Нема потреба да се плаши од бугаризација, дециден е Пендаровски.

Слични содржини