Пендаровски: Силјановска-Давкова призна дека имала фри шоп

од Nikola Popovski

Силјановска-Давкова призна дека имала фри шоп на преминот Јажинце кој го добила од колега-министер во тогашната влада, порача претседателот и кандидат за втор мандат, Стево Пендаровски од митингот во Штип на прашање на граѓанин.

„И јас и новинарот ја прашавме противкандидатката за бизнисот на нејзиниот сопруг на преминот Јажинце и никако не можеме да ја утврдиме вистината. Најпрво, половина саат негира дека имала, за после тоа да признае дека добила дозвола од нејзин колега-министер во тогашната влада. Дојдовме до таму да не можеме да ја утврдиме вистината затоа што една професорка избегнува да ги изложи фактите”, изјави кандидатот за претседател Стево Пендаровски.

„Силјановска-Давкова призна дека имала фри шоп, но вели дека немало профит. На крајот ќе почнете и да ги сожалувате затоа што тој граничен премин не бил многу фреквентен, па ќе помислите дека луѓето работеле во минус со тој бизнис”, заклучи Пендаровски.

Пендаровски повика дека нема простор за малодушност, туку дека на осми мај демократска Македонија мора да направи демократска револуција.

Тој додаде дека уште во првиот круг од противкандидатката Давкова имала два пати помалку билборди во Скопје, а во некои градови било и 3 спрема 1.

Претседателот додаде дека тој сака да ги привлече тие кои не гласале за него во првиот круг, да го поддржат сега со неговата програма, која е базирана на реална основа, а не фикции.

Слични содржини