Пендаровски за „Фокус“: Ќе победам, имаме слобода за гласање наместо режим

од Vladimir Zorba
115 прегледи

-Мислам дека имаме сигурна победа, воопшто не размислувам за пораз… Сите релевантни истражувања покажуваат дека ќе водиме со значителен број гласови во првиот круг и дека ќе извојуваме сигурна победа во вториот. Тоа го нагласува кандидатот за претседател од СДСМ, Стево Пендаровски во интервју за „Фокус“.

Тој додава дека сега постои слобода за гласање, и дека ќе биде полесно за гласачите.

– Денес имаме слобода на гласање, нешто за што сите се боревме против режимот на Груевски чии наследници се Мицковски и Силјановска. И верувам дека сега ќе биде полесно затоа што граѓаните не сакаат уште еден послушник на ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт кој ќе ја закочи државата. Верувам дека масовно ќе се гласа за конечна промена и ставање крај на режимот на Груевски.

За политичкиот противник од опозицијата, тој вели дека Гордана Силјановска не се оградила од ниту една постапка на ДПМНЕ.

–  Силјановска не се огради од ниедна монструозна постапка на ВМРО-ДПМНЕ, па дури и јавно напиша дека пресудите за насилниците од 27 април се политички прогон. Таа не го осуди бегството на Груевски, не се дистанцираше од ниедна штетна политика на ВМРО-ДПМНЕ. Апсолутно ги поддржувам започнатите процеси за влез во НАТО и ЕУ наспроти Силјановска и ВМРО-ДПМНЕ кои лажно тврдат дека се против.

Пендаровски вели дека  ќе биде претседател и коректор на власта и на сите политички партии доколку не работат за интерес на граѓаните.

– Моја главна задача е да бидам гласот на граѓаните во моменти кога партиите ќе заборават на нив и нивните интереси. Токму така ја гледам мојата улога како претседател и тоа е целосно спротивно на она што го имавме во последните 10 години. Ова им го ветувам на граѓаните….Ќе пробам да се кандидирам за втор мандат секако, доколку имам поддршка од граѓаните.

/Фокус