Петров: Ни треба конструктивна опозиција и опозиција со која заеднички ќе разговараме за стратешките цели

од Vladimir Zorba
454 прегледи

Коста Петров е познат како автор на популарни книги за самопомош, пи-ар експерт кој работеше во Кабинетот на Арбен Таравари кога тој беше министер за здравство и од неодамна  потпретседател на владејачката СДСМ. Интернационално докажан претприемач, експерт за односи со јавност на брзорастечки пазари, најпродаван бизнис-автор и говорник.

Тој е основач на P World, светската, водечка агенција за настани, која работи во 30 земји во Европа, Блискиот Исток, Централна Азија, Африка и Северна Америка.

Две години по ред , Коста беше вклучен во листата на највлијателни професионалнци за настани во Југоисточна Европа на Kongres Magazine. Тој е и дописник за американското издание на Huffington Post и редовен говорник за односи со јавност, лидерство и претприемачи на различни настани во светот.

Петров е најпродаван автор во неговата родна земја и автор на интернационално признатата книга „The Fear“. Тој е и уредникот и креативниот гениј зад „Тајните на светските PR-експерти“ – првата книга за односи со јавност, напишана од практичари за практичари.

За новиот ангажман, но и за старата љубов – пишувањето, како и за актуелностите на политичката сцена разговаравме со Петров.

-Се занимавате со креативна работа, но од неодамна влеговте во политиката како потпретседател на социјалдемократите. Тогаш рековте дека немањето искуство во политката ќе го искористите како адут. Каков е вашиот сегашен став? Што беше пресудно да влезете во „оганот на домашната политика“? Дали сте решен да стекнувате политичко искуство на долг рок? Што имате да понудите како политичар?

–    Јас сеуште се занимавам со креативна работа и сеуште сум основач и директор на Пи Ворлд, агенција на која сум особено горд бидејќи е една од ретките агенции од нашиот регион што реализира настани и има клиенти во над 40 земји во светот. Минатата недела престојував во Бостон каде што со најголемите клиники и болници во светот го организиравме второто издание на самитот за комуникации во здравство и неверојатно е чувството кога ќе видите дека компанија од Македонија успела да ги собере гигантите како Мејо Клиниката, Кливленд клиниката и ред други на едно место.

Одлуката за Потпретседател на СДСМ ја донесов само со една јасна цел – да донесам позитивни промени во нашата земја и мојот главен фокус е на тоа. Не ме интересираат задкулисни игри ниту сум човек што работи со калкулации. Го давам својот максимум и сигурен сум и во мојот успех, но многу поважно во успехот на нашата земја. Времето на политички игри и стартување на политичка кариера врз база на сопствен интерес заврши и крајно време е некои политичари да го сфатат ова.

Во политиката носам практично искуство, интернационало искуство во над 40 земји и пред се работна етика која и те како фали во нашата политика. Искрено се надевам дека политичкото инволвирање на млади, успешни луѓе наскоро ќе биде практика на нашата политичка сцена а не изненадување. Имаме одлични млади луѓе и време е да го искористиме нивниот талент и идеи за да креираме општество со кое сите ќе се гордеене.          

-Веќе неколку месеци сте на потпретседателската функција во СДСМ. Какво е вашето досегашно искуство?

– Имам одличен тим покрај себе и верувам во нашиот успех. Не е лесно човек да се адаптира во овој нов свет, но јас сум човек што не се откажува и секогаш верува и во себе и во луѓето околу себе. Горд сум што имам можност да работам со одлични луѓе и што имам можност да учам од нив но и тие од мене. Не се плашам да го кажам тоа што го мислам, иако некогаш е спортивно на тоа што другите го мислат но токму поради тоа и ја имам оваа позиција.

-Ни претстои тензичен предизборен период во кој борбата за власт ќе биде немилосрдна, како што предвидуваат аналитичарите? Што Вие лично очекувате од месеците кои му претходат на 12-ти април – денот кога се закажани предвремените парламентарни избори?

– Јас очекувам да продолжиме со работа и да продолжиме да се фокусираме на нашите сограѓани и да ги решаваме нивните проблеми. Тоа треба да е принцип по кој треба да се водат сите. Крајно време е да престанеме да трошиме време на политички препукувања. Борбата што треба да ја водиме е за подобро денес на нашите сограѓани, а не за позиции. На 12ти очекувам граѓаните да го направат вистинскиот избор и заедно да продолжиме да чекориме по вистинскиот, по правиот пат. Се надевам дека ова ќе биде лекција и за опозицијата и краен рок да ја променат реториката и да се оградат но многу поважно, извинат за деструктивната политика што ја водеа 11 години. Ни треба конструктивна опозиција и опозиција со која заеднички ќе разговараме за стратешките цели на Македонија, а не опозиција која што не само што не се оградува од криминалот туку и упорно го промовира.

-Како ја коментирате ситуацијата во нашето општество,но и во регионот и Европа по недобивањето датум за почеток на преговорите со ЕУ? Кој правец треба да го фати С. Македонија? 

– Ние имаме еден правец, а тоа е Европа. Ние сме дел од Европа и ние припаѓаме во Европа и ова е стратешка цел на нашата земја од осамостојувањето, Одлуката на Европа за недобивање датум навистина ме погоди, но во исто време ми даде и елан уште повеќе да работиме и да им покажеме на сите дека и те како заслужуваме да бидеме дел од европското семејство.

– Вие сте експерт за односи со јавност на брзорастечки пазари, најпродаван бизнис-автор и говорник. Колку простор има во политиката за бизнис и/или за креативност?

Јас сум истиот Коста како и претходно. Тоа што имам политичка функција, не промени апсолутно ништо кај мене. Дури и ме чуди како некои луѓе реагираат на мојата фукнција и на мојот ангажман. Јас сум човек од акција и човек што секогаш работи на позитивни промени и верувам дека секој од нас има можност да донесе позитивна промена во општеството. Јас тоа до сега сум го правел преку мојата работа и преку книгите, сега преку политиката, но целта ми е иста, да покажеме дека убави работи можат да се случуваат во Македонија.

 -Како ја оценувате реториката на политичарите во перидов кога јазот меѓу двата спротивставени политички блока во земјава е се поголем?

– Секој сам е одговорен за своите постапки и за тоа што ќе го каже и направи. Моето мислење е дека сите политичари треба убаво да размислат пред да кажат или направат нешто бидејќи пред се тие постојат за народот. Политичарот треба да биде пример и инспирација за народот, а не да служи за потсмев.

-Како експерт за односи со јавност ваш став за реториката на премиерот Заев бидејќи во јавноста, пред се на социјалните мрежи се крена голема фама, околу неговите изрази (мрчење, педер, цепидлачи…) Дали контексот е запазен или пак често пати се вадат лажни вести и манипулации околу ваквите изјави на првиот човек на владата?

– Премиерот е народски човек, но пред се човек. Некогаш се случува да направи грешка и за тоа се извинува, што и треба да го прави секој политичар. Мора да сфатите дека неговата работа е под лупа 24 часа во денот и некогаш се случува да каже нешто што не треба но она што е многу важно е дека на Премиерот граѓаните на Македонија секогаш му се врвен приоритет и се што прави прави за доброто на земјата. Би сакал повеќе политичари да се како него и да го следат неговиот пример.

-Вие сте и еден од најпродаваните современи македонски автори. Како ќе се развива вашата кариера на ова поле? Дали пишувате нешто перидов?

– За да напишеш книга треба да имаш време, а во моментов имам многу малку време да се посветам на новата книга. Веќе три години ја пишувам. но се надевам дека следната година ќе ја завршам.

Во каква земја сакате да ја претворите С.Македонија за среќен и убав живот тука? 

– Знам дека има многу разочарни луѓе и ги разбирам. Знам дека не чека многу работа. но во исто време знам дека и имаме потенцијал и луѓе нашите планови да ги направиме реалност. Секојдневно сум опкружен со млади луѓе, со млади претприемачи што градат бизниси од Македонија, со иноватори што креаираат една нова, свежа, визионерска слика на Македонија и сакам да ги видам овие луѓе во прв план. Тие се нашата иднина и должност на сите нас, и на граѓаните, и на медиумите и на политичарите е да ги охрабриме овие луѓе, да ги поддржиме, да ги задржиме тука. Само со нив ќе можеме да ја направиме Македонија убаво место за живење. Знам дека можеме!

-Колку ви останува време за приватниот живот и што ви дава елан за понатаму?

Моето семејство е секогаш мој прв приоритет. Доволно имам исксутво за да знам дека ништо не е поважно од нив. 

Н.С:

Слични содржини