По примерот со лебот, земјоделците бараат Владата да утврди цена на чинење на сите земјоделски производи

од Vladimir Zorba
429 прегледи

Начинот на регулирање на цената на лебот најави отворање на нови можности и опции, и тоа во обем кој на почетокот не се очекуваше.

По обелоденувањето од страна на Министерството за економија дека по лебот, веќе се прават пресметки за цените на уште неколку основни производи врз основа на кои ќе се продаваат по одредена максимална цена, со позитивни реакции излегоа земјоделските производители.

Како најоптимално  решение предлагаат соработка со Владата преку која заеднички ќе дојдат до цената на чинење на земјоделските кулури.

Според земјоделците со кои контактираше „Локално“,  секој земјоделски производ  треба да има цена на чинење во која ќе влезат сите трошоци на производството за производи од растително и животинско потекло, и под неа  да не се продава даден земјоделски производ.

На овој начин, според нив, не само што ќе се мотивираат земјоделците, туку и нема да се намалува производството, туку напротив, тоа ќе се зголеми.

За нас, производителите на пченица е важно заедно со Владата да ја утврдиме цената на чинење на производството на пченицата и секако на цената којашто треба да ја имаме како маржа. На овој начин ќе знаеме дали треба да се бавиме со производство на оваа култура од животно значење  или пак да  се откажеме. Доколку државата  сака да има производство на пченица,  во ситуација на минусна калкулацијата, тогаш таа е должна да ја покрие  разликата од производствената до продажната цена. Значи, нам ни е единствено важно да не одиме во загуба , состојба која во минатото неколку пати ни се случуваше и беше една од причините за намалување на производството“, изјави за „Локално“, Петар Стојковски, Претседател на Асоцијацијата на земјоделци на Македонија.

Утврдување на цена на земјоделските производи под којашто нема да смее да се оди и тоа врз основа на прецизни пресметки, бараат и производителите на раноградинарските култури. Според нив, фер цена ќе значи спас за земјоделството, но и негова заштита од “уцените’’ на трговците или преработувачите кои во голем број случаи им ги откупуваат производите по далеку пониски цени од реалните.

“Сведоци сме веќе 20 години дека културата што е најзастапена во струмичкиот и прилепскиот регион, индустриската пиперка, има цена на откуп 20 денари. Ако се земат предвид трошоците за  производство што земјоделците ги имале пред 20 години и тие што беа на пример минатата и оваа година, а со кои се соочуваат земјоделските производители, ќе видиме дека се далеку повисоки. Треба да се земат во превид и трошоците на откупувачите. И кај нив сигурно се зголемени трошоците и затоа неминовни се чести контакти меѓу самите производители, откупувачите и министерството, ако сакаме  земјоделецот да го вратиме на нивите. Вака како тргнала работата, ќе имаме се  помало производство, се помалку засадени  земјоделски површини и се помалку сточен фонд’’, изјави за „Локално“, Ристо Велков од Синдикатот на земјоделците од струмичкиот регион.

Конечно воспоставување ред во одредувањето на цените  врз основа на прецизни пресметки побараа и голем број економисти. Според Бранимир Јовановиќ, економски аналитичар од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, Владата треба да ги замрзне цените на сите основни прехрамбени производи.

„Значи, и на брашното, млекото, зејтинот, јајцата, шеќерот, месото, на сите оние производи кои сега имаат ограничена маржа. Ако тоа не се направи, цените пак ќе скокнат. Погрешно е  тоа што замрзнувањето се однесува само на лебот а не и на останатите прехранбени производи, па пекарите си викаат – зошто само на нас ни прават вака?“ , вели Јовановиќ.

Како аргумент го посочува фактот дека Владата премногу долго одбивала да ги замрзне цените, убедена дека треба единствено да ја слуша бизнис заедницата. Според него,  неприфатлива  е одлуката да им ги намали царините и даноците и да им дава евтина струја, со што всушност единствено им ги полнела џеповите на работодавачите.

Најзадоволни од регулирање на цената на сите основни производи секако најмногу би биле граѓаните. Притиснати од се понискиот стандард и соочени со секојдневни поскапувања, алармираат дека  не само што веќе ги имаат потрошено сите финансиски резерви, туку полека почнуваат да се борат за гол опстанок.

К.В.С.

Слични содржини