Почетино и официјално тренер на ПСЖ

од Vladimir Zorba

Аргентинскиот стручњак Маурисио Почетино (48) беше официјално претставен во саботата како нов тренер на францускиот фудбалски шампион Париз Сен Жермен, објави парискиот клуб.

Аргентинецот ќе го замени Германецот Томас Тухел, кој доби отказ на 24 декември, на клупата на европскиот вицешампион.

Тухел пристигна во ПСЖ во 2018 година и освои две титули шампиони, Купот, Лига купот и минатата сезона стигна до финалето во Лигата на шампионите. Сепак, му пресудија неубедливите игри оваа сезона.

Почетино е без работа од ноември 2019 година кога беше отпуштен во Тотенхем.

„Среќен сум и почестен што станав нов тренер на Пари Сен Жермен“, рече Почетино, кој потпиша договор со клубот од француската престолнина до 30 јуни 2022 година, со можност за дополнителна година.

„Би сакал да се заблагодарам на управата на клубот за укажаната доверба. Овој тим има фантастичен потенцијал и ќе сториме се што е во наша моќ да го постигнеме најдоброто во сите натпреварувања. Ние сакаме да му дадеме на тимот борбен и напаѓачки идентитет што навивачите отсекогаш го сакале“.

Почетино играше на Паркот на принцовите за време на неговата играчка кариера од 2001 до 2003 година, а исто така беше и капитен на клубот. Тој собра 95 настапи и постигна шест погодоци.

„Како што знаете, овој клуб отсекогаш имал посебно место во моето срце. Имам убави спомени, особено од уникатната атмосфера на „Паркот на принцовите“. Денес се враќам во клубот со многу амбиција и понизност и нестрплив сум да работам со некои од најталентираните играчи во светот“, додаде тој.

Слични содржини