Почнува 30. Министерски совет на ОБСЕ, воведно обраќање на Османи и Ковачевски

од Nikola Popovski

Денеска во Скопје почнува 30. Совет на ОБСЕ. На најголемиот политичко-дипломатски настан што се случува во земјава од осамостојувањето, ќе учествуваат 76 делегации од држави членки и партнери на организацијата. На Министерскиот состанок се очекуваат одлуки за изборот на претседавач за 2024-та година, за што на подготвителниот состанок на амбасадори неделава во Виена е постигнат консензус тоа да биде Малта.

Треба да се одлучува и за буџетот, како и за именувања за клучните позиции во институциите на ОБСЕ.

Министерот за надворешни работи и актуелен Претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи денес со свое обраќање ќе го отвори Советот. Воведно обраќање на отворањето ќе има и Премиерот на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски како и претседателката на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Пиа Каума и генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмит.

Синоќа се одржа неформалната вечера на министрите за надворешни работи кои учествуваат на Советот. Домаќин беше токму Османи.

Во фокусот на разговорите беше воената агресија врз Украина и потребата од функционална Организација во време на конфликти и зголемени тензии.

На вечерата присуствуваа министрите за надворешни работи на САД, на ЕУ, на земјите членки на ЕУ, Велика Британија, на земјите партнери од Медитеранот, Блискиот Исток и од Азија.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел си заминаа по оваа средба.

На најголемиот политичко- дипломатски настан што се случил во државава од осамостојувањето, ќе учествуваат 76 делегации од 57 земји членки и држави партнери на ОБСЕ.

Доцна синоќа пристигна шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, кој не присуствуваше на неформалната вечера.

Слични содржини