Полските земјоделци повторно најавуваат блокада на границата со Украина

од Vladimir Zorba

Полските земјоделци планираат повторно да го блокираат преминот „Medyka“ на границата со Украина, барајќи писмена гаранција од премиерот Доналд Туск за државна помош за секторот потресен од увозот на евтино украинско жито.

Полските земјоделци протестираа минатата година поради евтиниот увоз на жито од Украина, предупредувајќи ја владата дека не успеваат да ги испразнат силосите.

Во октомври Европската комисија го одобри владиниот предлог за 240 милиони злоти помош за секторот за производство на пченка, кој бележи голем пад на приходите поради евтиниот увоз.

На Бадник, фармерите го прекинаа протестот на граничниот премин до 2 или 3 јануари 2024 година, изјави тогаш земјоделскиот претставник Роман Кондоров по разговорите со министерот за земјоделство Чеслав Сиекиерски, според новинската агенција ПАП.

Во меѓувреме, Полска доби нова влада предводена од премиерот Доналд Туск, а земјоделците стравуваат дека ќе останат без помош.

„Не добивме писмена потврда дека нашите барања ќе бидат исполнети и затоа продолжуваме со протестот“, изјави Кондоров во средата за ПАП.

Иако министерот Секиерски рече дека ќе се исполнат барањата на земјоделците, премиерот Доналд Туск не го потпиша барањето, нагласи претставникот на земјоделците, додавајќи дека на преминот ќе се пропушта само по еден камион на час.

Полските превозници блокираат и неколку гранични премини со Украина, барајќи од Европската унија повторно да го воспостави системот кој бара од украинските компании да добијат дозволи за работа во земјите-членки на Унијата.

На крајот на ноември, Словачка ја продолжи и прошири забраната за увоз на земјоделски производи од Украина, посочувајќи дека компензацијата на ЕУ покрива само дел од загубите на земјоделците кои не можат да се натпреваруваат со евтиниот увоз.

Поради увозот на украинско жито, словачките земјоделци претрпеа загуби од околу 110 милиони евра, изјави министерот за земјоделство Ричард Такач за новинската агенција ТАСР, а ЕУ им исплати само околу пет милиони евра обештетување.

„Затоа бевме принудени да ја продолжиме забраната додека ЕУ повторно не го ограничи увозот“, додаде словачкиот министер.

Слични содржини