Пописот успешно завршен, бројката на граѓани што одбиле да се попишат се проценува во промили

од Берта Китинска

Пописот заврши успешно, кажа директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, на вечерашнава прес-конференија по затворањето на апликациите за попис и со тоа официјалниот крај на пописот.

„Од опфатените објекти за живеење, 91 процент беа предмет на попис, а девет проценти се објекти кои не се предмет на попис (деловни згради, хотели). Сите објекти кои беа предмет на попис беа посетени по неколку пати. Онаму каде и по неколкукратните обиди не се оствари контакт со граѓаните, беа повикани во седиштата на оптшините да се попишат. Оние кои и тоа не успеаја да го направат, сепак ќе бидат дел од пописот, бидејќи се очекува да ги има во некои од базите кои ќе се користат при обработката на податоците“,рече Симовски.

Бројката на граѓани кои одбиле да се попишат е занемарувачка, односно се проценува во промили, а не во проценти, информира Симовски

Сепак тој не можеше да каже точни информации колку изнесува тоа, затоа што се уште не е пресметано и најави дека ќе биде објавено во наредните денови.

-Попишувачите имаат изјави од оние што одбија да се попишат и ќе биде покрената истрага. Што ќе се случи понатаму не зависи од нас, рече Симовски, одговорајќи на евентуалните последици за граѓаните, што не сакаа да бидат дел од процесот.

Слични содржини