Портпаролот на КФОР: Зад насилните протести во Звечан стојат некои криминални групи

од Stefanija Kuzmanovska

Портпаролот на КФОР Андреа Галиени денеска изјави дека зад насилните протести во Звечан на 29 мај стојат некои криминални групи.

Како што докажаа овие настани, ситуацијата може да ескалира до висок степен на насилство, затоа е многу важно сите страни да ги разгледаат последиците и ризиците од нивните постапки, рече Галијани на прес-конференцијата.

Тој подвлече дека одговорноста за тензиите на северот на Косово треба да ја сносат двете страни, јавува Радио Слободна Европа.

„Едната страна одлучува сама без да го земе предвид степенот на безбедност, а другата реагира со насилни дејствија“, објасни Галијани.

Запрашан за групите кои на 29 мај нападнаа припадници на КФОР во општина Звечан, тој рече дека косовската полиција треба да ги уапси и да ги казни со заслужни казни.

„Луѓето во северниот дел требаше мирно да протестираат, но за жал има некои криминални групи. Обврска на полицијата е да ги открие тие криминални групи“, посочи Галијани.

Тој оцени дека ситуацијата на северот на Косово се смирува од безбедносен аспект.

„Кога почна сето ова, односно неколку дена пред 29 мај, не можам да кажам дека имало координација бидејќи тоа беше еднострана акција на институциите на Косово, градоначалниците да влегуваат насилно во општините“, рече Галијани.

Тој истакна дека подоцна однапред се организирале и биле ангажирани, па на 29 мај било интервенирано меѓу страните.

Локалното српско население од 29 мај секојдневно протестира во три општини на северот на Косово, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, поради одлуката на косовските власти на 26 мај насилно да ги преземат општинските згради за да може новите градоначалници Албанци да почнат со работа.

Слични содржини