Организаторите на музичкиот фестивал „Егзит“ оцениле дека одржувањето на тој фестивал во јули на тврдината Петроварадин во Нови Сад ќе биде „симбол на победата на Србија над пандемијата“.
„Откако градоначалникот на Нови Сад, Милош Вучевиќ, изјави дека фестивалот „Егзит“ може да се одржи ова лето, веста одекна како сензација во светските музички кругови. Оваа долго очекувана вест е клучна потврда дека големата прослава на 20-годишнината од фестивалот ќе се одржи според планот од 8 до 11 јули на тврдината Петроварадин, со учество на некои од водечките светски sвезди“, рекле во изјавата.
Тие соопштиле дека на фестивалот, меѓу другите, ќе настапат Дејвид Гета, диџеј Снајк, Тајга, Ерик Прајдс b2b Фор Тет, Пол Калкбренер, Нина Кравиц, Борис Брејча, Шек Вес, Соломон, Пол ван Дајк, Сепултура, Метрономи, Хани Дижон.
Вучевиќ изјавил дека влезот на фестивалот ќе биде можен за сите што биле вакцинирани и за сите кои го прележале Ковид-19.
„На сите други посетители од земјата и светот ќе им биде овозможен брз антигенски по многу поволни цени, во специјално организирана зона во непосредна близина на портите на фестивалот. Сите детали во врска со влезот на фестивалот ќе бидат објавени на официјалната веб-страница „Егзит“ со време, во согласност со идните тековни мерки пропишани од Владата на Србија“, се вели во соопштението.