Потврдено присуството на американски војници на Тајван

од Milan1

Мал број американски сили се стационирани во Тајван со цел да вршат обуки на тајванските војници, изјави претседателката Тсаи- Инг-Вен во интервју за Си-Ен-Ен, со што го потврди присуството на американски војници на островот, кој Кина го смета за своја територија.

Тензиите меѓу Тајпеј и Пекинг, ескалираа во последните неколку недели откако Кина го зголеми воениот и политичкиот притисок.

„Имаме широк опсег на соработка со Соединетите Држави со цел да ги зголемиме нашите одбранбени способности“, рече Вен за Си-Ен-Ен во интервјуто емитувано во четвртокот.

На прашањето колку американски војници се распоредени во Тајван, таа не сакаше да го прецизира бројот, туку само рече дека „не се толку колку што мислат луѓето“.

Потврдата доаѓа во време кога Пекинг нагло го зголемува воениот притисок врз Тајван, вклучително и повторените мисии на кинески воени авиони во зоната на противвоздушната одбрана на Тајпеј.

Додека неколку тајвански и меѓународни медиуми претходно објавија за таква обука со американски војници, оваа официјална потврда од Тајпеј може дополнително да ги влоши односите меѓу САД и Кина.

Соединетите Држави, како и повеќето земји, немаат формални дипломатски односи со Тајван, но се нивни најважен меѓународен сојузник и главен снабдувач на оружје.

На прашањето за извештаите за американски војници во Тајван, кинеското Министерство за надворешни работи претходно овој месец рече дека САД треба да ги прекинат воените односи и продажбата на оружје на Тајпеј за да избегнат нарушување на билатералните односи.

Слични содржини