Повеќе осомничени бараат спогодба со Обвинителството за случајот „Империја“

од Nikola Popovski

Обвинителката Лиле Стефанова попладнево обелодени дека во моментов нема спогодби за случајот „Империја“, но дека постојат иницијативи.

-Не можам да ви кажам лица. Постапката за спогодување не е тајна. Повеќе лица имаат поднесено иницијативи за спогодување. Соодветно ако бидат постигнат спогодби, ќе биде објавено. Нема кривично дело за кое не треба да се прифатат спогодба, но дали ќе се прифатат условите, зависи за што ќе се спогодат обвинетите. Целта на постапката ќе биде дали обвинетите се спремни да ја вратат имотната корист со која се стекнале. Таа е многу поголема од имотната вредност на Груевски од три милиони евра, рече Стефанова на новинарско прашање.

Обвинителката се надева дека ќе има јавнообвинителска одлука кон крајот на мај.

Истрагата за случајот „Империја“ по три и пол години заврши, а пред нејзиното затворање резултираше со замрзнување на имотот на фирми поврзани со случајот и со осомничените, бизнисменот Јордан Камчев и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. Истрагата ја започна Специјалното јавно обвинителство, а по неговото згаснување ја презема Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Истрагата беше отворена на 9 ноември 2018 година и до денес истата ја предводи обвинителката Лиле Стефанова. Осомничени освен Камчев и Мијалков се уште 11 лица, односно Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска- Камчева, Христина Камчева- Стојческа и Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела: Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.

Слични содржини