Пожар кај Атина зафати куќи, евакуирана детска болница

од Stefanija Kuzmanovska

Шумски пожар поттикнат од силни ветришта утрово беснее во планинската област Пентелик кај Атина, проголтувајќи куќи, поради што властите наредија евакуација на најмалку девет области и една детска болница.

Тројца пожарникари и девет локални жители се здобиле со полесни повреди и биле пренесени во болница со тешкотии со дишењето, јави државната телевизија ЕРТ.

Пожарот го променил правецот поради ветерот кој дувал со брзина од 80 км/ч

Густи облаци од чад го затемнија небото над Пентелико каде што избувна пожарот околу 14:30 часот во вторникот, на околу 27 километри северно од центарот на Атина. Засега нема извештаи за жртви, соопштија пожарникарите.

Во битката со огнената стихија на повеќе фронтови учествуваат околу 485 пожарникари и 120 противпожарни возила. Петнаесет хеликоптери и авиони испуштија вода врз пламените јазици, а операциите беа прекинати ноќе од безбедносни причини.

„Ноќта беше тешка“, рече Џанис Артопиос, портпарол на противпожарната станица, во телевизиско обраќање, додавајќи дека брзината на ветерот надминала 80 километри на час.

„Поради интензитетот и брзината на ветровите, огнот постојано ги менуваше правците во текот на ноќта, што уште повеќе ја отежна борбата против него“, рече тој.

Луѓето се евакуирани, сообраќајот запрен

Локалните власти соопштија дека во пожарот изгореле некои куќи во областа Палини. Властите наредија евакуација на девет области, вклучувајќи ги Палини и Геракас.

Една болница и Националната опсерваторија во Атина беа евакуирани како мерка на претпазливост. Сообраќајот беше запрен на патиштата кои водат кон Пентели, а на најмалку 600 жители им беше потребна полициска помош за да излезат од областа зафатена од пожарот.

Силниот ветер се очекува да продолжи до попладнево. Пожарникарите соопштија дека 28 пожарникари од Романија им помагаат на локалните пожарникари. Повеќе од 200 пожарникари и опрема од Бугарија, Франција, Германија, Романија, Норвешка и Финска ќе бидат на подготвеност во најжешките месеци јули и август во Грција.

Минатата година шумските пожари опустошија околу 121.000 хектари шуми и грмушки во различни делови на Грција, кои го доживеаја најлошиот топлотен бран во последните 30 години.

Слични содржини