Денеска во 14:00 часот треба да започне јавната расправа за една изборна единица, отворени листи и рамноправна застапеност на мажи и жени на изборните листи, предлозите од група пратеници за измена на Изборниот законик кои се блокирани од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и владејачката ДУИ со илјадници амандмани.
Претседателот на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Александар Кирацовски ја закажал расправата, бидејќи се уште нема можност да започне амандманската расправа, бидејќи дел од амандманите се уште не преведени и закачени на електронскиот собраниски систем, за да може сите пратеници да видат што ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ сакаат да променаат.
Јавната расправа беше најавена минатата недела, кога комисиската расправа не почна иако беше закажана. Од опозицијата пак, рекоа дека не може да има јавна расправа за закони кои се носат по скратена постапка.
Инаку измената на Изборниот законик со цел една изборна единица е барање на група пратеници, но и предизборно ветување на владејачката СДСМ. Од владејачката партија го прифатија и ставот на групата пратеници предводена од пратеничката на ДОМ, Лилјана Поповска, со што се бара и отворени листи, а се вметна и измената за еднаква родова застапеност.
ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го блокираа предлог-законот со поднесување на амандманите бидејќи според нив, не може да се прави измена на закон предизборно.
А.Т.