Пратениците денеска на продолжение на 116. седница ја почнаа расправата по Предлог-законот за гаранција од државата за Договор за заем од 179 милиони долари за дополнително финансирање на автопат Кичево – Охрид којшто ќе се склучи меѓу Експорт – импорт банката на Кина и Јавното претпријатие за државни патишта. Расправата ќе продолжи попладнево во 15 часот по редовната пауза на пратениците.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски информира дека по изгласувањето на законот, што се носи по скратена постапка, Договорот за заем ќе се склучи меѓу Јавното претпријатие за државни патишта и Експорт – импорт банката на Кина.
„Проценетата вредност на дополнителните финансиски средства за проектот за кој претходно беше изгласан анекс на договорот од страна на ова Собрание, е 179.694.572 долари. Имплементатор на проектот ќе биде Јавното претпријатие за државни патишта. Проектот ќе се финансира со заем од Експорт – импорт банката на Кина“, рече Сугаревски.
Заемот ќе биде доделен со рок на отплата од 20 години и вклучен грејс период од пет години. Каматна стапка е фиксна и ќе изнесува два проценти на годишно ниво за целото времетраење на заемот.
Пратеникот Илија Димовски констатира дека доаѓањето на СДСМ на власт во поглед на реализација на овој проект значи негова нереализација, неизграден пат, стопирање на сите активности за три години и дополнителен трошок за државата, односно граѓаните за 200 милиони евра.
„Сега земаме кредит, но кредитот ќе го плаќаме со даноци. Значи резултатот на доаѓање на СДСМ на власт за автопатот Кичево-Охрид е нереализација на проектот и земање на нови 200 милиони евра. Тоа е заклучокот, рече Димовски“, додавајќи дека откако СДСМ дојде на власт, долгот на државата е зголемен за 700 милиони евра досега.
Пратениците од опозицијата прашаа зошто вредноста на патот се зголемува за 40 проценти, ако досега се реалиизрани 76 отсто од активностите. Прашаа и колкава е материјалната штета од ненавремено санирање на свлечиштата, одроните, оставање на објектите, како што рекоа, во тек на градба на забот на времето. Побараа одговорност за, наведоа, оксидација на арматурата, нарушување на стабилноста на мостовите и другите градби, за жртвите и повредените во потешките сообраќајки. Причината, според нив, е непостоење светлосна, вертикална и хоризонтална сигнализација на патот.
Пратениците во рамки на 116. седница ги донесоа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот градење, по скратена постапка, Предлог-законот за изменување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, по скратена постапка, Предлог-законот за изменување на Законот за спортот, сите по скратена постапка.