Предложен полициски час од 21 до 6 часот, владата одлучува за новите мерки

од Aleksandar Todeski
233 прегледи

Полициски час од 21 часот до 6 часот наутро, предложила Комисијата за заразни болести на денешната владина седница, дознава „Локално“.

Фото: Борче Поповски

Останува активна и забраната за собирање во групи на лица повеќе од пет лица, по лимитираното време ќе смее да се оди во болница со придружба од најмногу од две лица.

Такси компаниите ќе имаат ограничен број на дежурни возила, а ЈСП ќе вози со преполовен број на патници, односно ќе треба да се запази растојанието помеѓу патниците.

Седницата на владата се уште трае и се разгледуваат сите опции, а по завршувањето, преку соопштение до јавноста ќе бидат презентирани сите прифатени мерки.

Министерот за здравство, Венко Филипче денеска најави дека ќе се разгледуваат построги мерки, бидејќи актуелните не се почитуваат, градовите и денеска беа полни со луѓе и покрај мерките, препораките и забраните.

Владата вчера ги задолжи Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија да направат детален оперативен план за спроведување на најстрогите рестриктивни мерки што треба да ги преземе Владата.

А.Т.

Слични содржини