Преизборен инженеринг или технички проблем: Што доколку 100.000 граѓани не можат да гласаат?

од Nikola Popovski
367 прегледи

Додека ДИК бара измени во Изборниот законик за гласање со лични документи со старото име, но без изминат рок на важење, премиерот Талат Џафери вели дека има време до изборите граѓаните да извадат нови документи. Како што соопшти според добиените податоци од МВР само во февруари издадени биле над 71.000 лични карти, а над 95.000 пасоши. Министерот за внатрешни, Панче Тошковски му реплицираше дека ваквата изјава е несериозна. Техничкиот министер додаде дека на граѓаните не треба да им се дава лажна надеж, туку реалноста. Се поставува прашањето дали доколку не се најде решение за состојбите со личните документи на 100 илјади граѓани кои не би имале право да гласаат, легитимитетот на изборниот процес може да биде под прашалник?

Според дел од експертската јавност, ќе им се ускрати уставно загарантираното право на граѓаните да гласаат на изборите. За политичкиот аналитичар, Благојче Атанасоски, со тоа се поништува и принципот на еден граѓанин-еден глас, односно гласовите на тие што имаат валидни лични документи ќе бидат „повредни“ од тие што немаат.

Благојче Атанасоски

Сепак, не верува дека туку така може да се направи изборен инжинеринг и дека тоа ,,пеколно сценарио“ го има осмислено власта до детал, бидејќи, како што вели во разговор за „Локално“, е просто невозможно вие 100.000 гласачи точно да ги исфрлите од системот, а сите тие до еден да бидат гласови на опозицијата.

-И на еден човек ако му биде ускратено правото да не може да гласа поради пропусти на институциите на системот е проблем. Така што техничкиот премиер нема морално право да ја префрла вината врз граѓаните. Едноставно треба да се изнајде решение,сите граѓани на денот на изборите да имаат право да го искористат уставното право да го дадат својот глас ,односно да го пренесат суверенитет на идните функционери, истакнува Атанасоски.

Смета дека треба што поскоро да се донесе тој закон, кој ќе биде едно своевидно ад хок решение со кое ќе се реши оваа мат позиција во која се наоѓаат огромен број на граѓани.

Во однос на дијаспората, Атанасоски вели дека е против лично да гласа дијаспората, бидејќи, како што истакнува, луѓе кои не живеат во Македонија не треба да одлучуваат за тие кои живеат односно да им ги бираат идните функционери.

-Сепак, бидејќи и дијаспората има право на глас, во дадените законски можности, треба да се најде решение и за нив. Но мислам дека на нив воопшто нема да им биде приоритет да гласаат на овие избори,кога тие можеби најмногу од сите нас трпат штета поради проблемот со издавањето на личните документи, заклучува соговорникот.

И аналитичарот Даут Даути се согласува дека ускратувањето на правото на било кој граѓанин да го остварува правото на глас поради вина која не е негова, може да го загрози легитимитетот на изборите, без разлика дали бројот е мал или голем.

Даут Даути

Не гледа мотиви за политички инженеринг, оти, како што објаснува, никој не може да знае чии се тие кои останале без лични карти, па да ги ориентира.

-Едноставно, се работи за технички проблем заради наша неажурност и како граѓани, и како држава, вели Даути за „Локално“.

Секако дека е оправдано, додава тој да се најде некое преодно решение кое ќе им овозможи на граѓаните да гласаат, како и предлогот на ДИК би бил во ред доколку се поддржи од сите.

Според него, експериментот со дијаспората досега е неуспешен, поради енормно малиот одек на гласачите претходните реализирани избори.

-За да се вклучи дијаспората, треба некоја поефикасна методологија, дали со електронско гласање, дали некој друг начин, за да се обезбеди поголема масовност, и соодветна застапеност од овие наши сограѓани. Можеби наместо партиите, да им се даде предност на натпартиски кандидати како директни претсавници на дијаспората и таму да си вршат и кампања, со што можеби тие кандидати би ја омасовиле интересираноста за гласање, оценува соговорникот.

За Даути, кога размислуваме за дијаспората, секогаш е неблагодарно, бидејќи, како што потенцира, последните години со масовната емиграција, како држава и не знаеме точмо колку граѓани имаме сезонски или со постојано живеалиште.

-Како и да е, гласот на дијаспората е битен и треба да најдеме начин како да се вклучи, наведува аналитичарот.

Н.П.

Слични содржини