Премиерот на Хаити не смее да се врати во земјата поради закани од бандите 

Водачот на една од бандите на Хаити побара од Анри да поднесе оставка, предупредувајќи дека земјата се движи директно кон граѓанска војна која ќе доведе до геноцид

од Бети Божиноска

Премиерот на Хаити, Ариел Анри бил принуден да замине во Порторико, кој е американска територија, откако му беше забранет влез во земјата по враќањето од Кенија, а Домениканската Република одби да го прими, пренесува Би-би-си. 

 Домениканската Република во вторникот соопшти дека го затвора својот воздушен простор со Хаити и дека ја контролира копнената граница заради зачувување на мирот и безбедноста. 

Водачот на една од бандите на Хаити, Џими ‘Скарата’ Шеризие, побара од Анри да поднесе оставка, предупредувајќи дека земјата се движи директно кон граѓанска војна која ќе доведе до геноцид. 

Откако во неделата на Хаити беше прогласена вонредна состојба кога вооружените банди предводени од Шеризие упаднаа во затворите, од кои ослободија околу 4.000 луѓе, сите летови се откажани, а аеродромот во Порт-о-Пренс е затворен. 

Втората можна причина за забраната за влез на Анри на Хаити е поради неговата безбедност бидејќи би се нашол на мета на бандите и дополнително би ја загрозил националната безбедност. 

Воруѓените банди, кои поседуваат оруже прошверцувано од САД, во последните неколку години стекнаа контрола над 80 отсто од територијата на Порт-о-Пренс. Според податоците на ОН, во текот на последните немири на Хаитите биле раселени околу 15.000 луѓе. 

Анри никогаш не беше изгласан за премиер, но положи заклетва откако претходниот премиер Јовенел Моисе беше убиен од колумбиските платеници во 2021 година. 

Според политичкиот договор, изборите на Хаити требаше да се одржат на 7 февруари по што Анри требаше да ја предаде власта, но откако тоа не се случи, илјадници луѓе излегоа на протести барајќи од него да се држи до договорот. 

Слични содржини